Ќе ги изедначиме домашните и странските инвеститори - СДСМ ја промовираше програмата во Делчево
СДСМ во Делчево денеска ја презентираше својата нова програма.
- Денеска сакаме да разговараме и со граѓаните на Делчево за предлог-мерките коишто ги предвидуваме во програмата на Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија. И овде ги слушнавме истите поплаки: дека младите се’ помасовно се исселуваат, дека источна Македонија се’ повеќе ја напуштаат и дека причините се безброј: од неможност да се најде работно место, да се основа семејство, до лошата инфраструктура и лошите услуги кои ги даваат институциите. Навистина голем акцент ќе ставиме не само на странските туку и на домашните инвеститори, оние коишто и во општини како Делчево успеваат да нахранат неколку семејства, успеваат да отворат работни места. Сметаме дека е лоша праксата во која државата им дава се’ на некои инвеститори, а на некои не им нуди ништо, велат од СДСМ.
Во програмата на СДСМ предвидуваме да ги изедначиме домашните и странските инвеститори. Секој инвеститор е толку добар колку што плаќа данок и колку што отвара нови работни места. Во таа смисла, предвидуваме во трите години да ги ослободиме од данок на добивка сите оние фирми кои ќе инвестираат над 3 милиони евра во основни средства и ќе отворат шанса за најмалку 50 работни места.
- Во новата програма предвидуваме од данок за добивка во рок од три години да се ослободат сите оние фирми кои ќе одлучат да инвестираат во општини каде миграцијата е најголема, каде бројот на луѓе кои заминуваат е најголем и оние општини каде инвестициската активност е минимална или многу ниска, велат од партијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа