Машки стерилитет ќе се открива во поликлиниката Букурешт
Во Поликлиника Букурешт во Скопје денеска e отворен првиот Андролошки кабинет во Македонија за откривање машки стерилитет, а партиципацијата за услугата ќе чини 150 денари.
Министерот Тодоров заедно со директорката на Здравствен дом-Скопје Тања Баевска Вучковиќ присуствуваше на отворањето на Андролошкиот кабинет.
- Сега имаме многу поедноставена процедура-матичниот лекар директно ги упатува пациентите во андролошкиот кабинет во Поликлиниката Букурешт. Многу се скратува патот на пациентите и се забрзува дијагностиката која е од големо значење потоа или за лекување или за применување на други медицински методи како што е ин витро фертилизацијата. Се скратува времето, но и малтретирањето на пациентите, рече Тодоров.
За нас, посочи министерот, е од големо значење што оваа услуга може да се добие за многу помалку пари од она што го добивале претходно пациентите, имајќи предвид дека многу често тоа се правело во приватни установи затоа што во Здравствениот дом и на секундарно ниво не постоеше ваква дејност, а таа чинеше 1.200 денари.
- Тука партиципацијата е 150 денари, неколкукратно пониска сума што ја прави оваа услуга многу подостапна за граѓаните. Очекувам дека овој Андролошки кабинет, како и сите други кабинети кои ги отворивме во Здравствениот дом, сериозно ја приближија здравствената услуга до граѓаните и може да одговорат на се поголемата потреба од здравствени услуги. Мораме преку вакви мерки да овозможиме што е можно поголем број здравствени услуги да бидат поблиску до граѓаните, истакна Тодоров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа