Не падна договор: Нема усогласување на платите со минималната плата

 

На Економско-социјалниот совет не е постигнат договор за усогласување на останатите плати со минималната плата. Од Конфедерацијата на слободни синдикати веќе најавија протест за 30 март пред Собранието и Владата и можност за радикализирање на идните чекори, а од Синдикатот на образование, наука и култура (СОНК) велат дека ќе дадат поддршка на протестот на КСС, а најавија генерален штрајк во образованието во април.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи по состанокот во Владата изјави дека дијалогот меѓу синдикатите и ресорните министерства треба да продолжи на ниво на секое министерство, јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост и доколку е потребно да се отворат колективните договори и да се види дали има можност за усогласување на платте.

– Денес се согласивме дека дијалогот меѓу синдикатите и ресорните министерства ќе треба да продолжи односно наместо да се одвива само на Економско-социјалниот совет, го спуштаме на ниво на секое ресорно министерство, јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост за таму да се решаваат проблемите. Затоа има раководни лица на сите институции и органи на управа кои треба да преговараат. Дополнително, имаме колективни договори, општи колективни договори, гранкови договори…и ако е потребно тие ќе се отворат за да се види дали може да се усогласат платите со промената на Законот за минимална плата. Но, тоа е процес, кој не е едностран процес на желби, рече Битиќи.

Посочи дека кај репрезентативните синдикати има слух дека државата поминува низ тешки кризи што значи дека не може веднаш да има решенија.

Порача дека Владата останува на определбата за зголемување на платите во образованието за пет проценти во септември, во МВР ќе имаат пет проценти зголемување на платите и остануваат буџетските средства за судство и обвинителство од 15 проценти.

23.03.2022 - 17:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега