Јанакиески ќе им ги објасни предвидените новитети на таксистите
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески најави дека ќе се сретне со здруженијата на таксисти и ќе им го презентира Предлог законот за измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, што е во собраниска процедура.
- Предлог законот е со цел да се подобри состојбата во такси превозот. Сакам во тек на дискусијата да видам кои се нивните забалешки. На крајот на оваа и наредната недела ќе имаме средби со здруженијата на таксисти од Скопје, а потоа и од останатите градови. Ќе дискутираме и ќе го дообјасниме законот, истакна денеска министерот Јанакиески.
Тој истакна дека Министерството за транспорт е подготвено да го корегира Предлог-законот доколку во тек на расправата во Собранието се најде подобро решение.
Предложените измени предвидуваат при вршење такси превоз превозникот да може да стои исклучиво на авто-такси стојалиште определено од општините или од Градот Скопје. Такси-возилото, според Јанакиески, треба да стои на стојалиштето само во случај кога е празно, односно без да има патници и без да има најавен повик дека треба да земе патник од некаде.Доколку превозникот биде казнет двапати за непочитување на таа одредба ќе се донесе решение за трајно одземање на лиценцата за вршење такси-дејност. Ако се утврди дека не стои на такси-стојалиштето првиот пат глобата е 500 евра, а по повторување на прекршокот ќе следи уште една глоба од 500 евра и трајно одземање на лиценцата.
Со предложените законските измени до 1 јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавањето основен англиски јазик, а од 2019 година познавање еден степен повеќе. Трошоците ќе ги покријат Министерството за транспорт и врски и општините, кои во меѓувреме ќе спроведат обуки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа