Падна договор: Ќе се бара одржливо решение за усогласување и пораст на пензиите

 

Здруженијата на пензионери и Владата договорија менување на методологијата за усогласување на пензиите со цел да се изнајде модел кој ќе овозможи одржливо решение на долг рок. Власта посочува дека целта е да се создаде систем според кој пензионерите ќе имаат сигурност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од ничија политичка волја или од тоа дали ќе има избори.

Договорот беше постигнат вчера на средба со претставници на здруженијата на пензионери, кои се задоволни од почетокот на дијалогот. Моделот којшто го предложиле од пензионерските здруженија е тој да биде заснован на промена на животниот стандард и промена на просечните плати.

Следната средба е закажана за почетокот на март, а дотогаш Владата ќе ги направи потребните симулации за предлозите на пензионерите.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува решение да се најде максимум до 10 март, а, како што изјави денеска, ќе биде среќен тоа да се случи и многу порано.

– Мислам дека имаме согласност оти методолгијата за усогласување треба да се смени. Мислам дека на наредната средба ќе го имаме дефинирано моделот и ќе имаме заеднички став. Се радувам што и Сојузот на здруженија на пензионери и Партијата на пензионери беа солидарни кон различните категории на пензионери и добиваат различна висина на пензии. Зборувавме за различни модели кои ќе значат посолидарен начин на поддршка. Тоа што ни остана како Влада е во следниот период да направиме симулации и да видиме какви импликации ќе има тоа врз пензискиот фонд, изјави Битиќи по вчерашната средба.

19.02.2022 - 10:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега