Во Вевчанската река запливаа нови 1000 пастрмки
Околу 1000 парчиња автохтона речна пастрмка денеска беше порибена во Вевчанската Река. Порибувањето, исто како и производството на подмладокот риба беше под надзор на охридското одделение за рибарство и аквакултура.
Збогатувањето на рибниот фонд во реката позитивно ќе се одрази и врз туристичкиот развој на општината, истакна градоначалникот на Вевчани.
- Ова не се случило четири години и затоа е многу значајно за развојот на Вевчани и на вевчанскиот туризам. Апелирам до локалните жители, но и до жителите на Октиси и Велешта да ја негуваат и чуваат рибата, да нема рибокрадци претежно во летниот период кога водата е мала, затоа што ќе имаме чуварска служба а и казните ќе бидат големи, истакна Угриноски.
Државниот инспектор за рибарство и аквакултура Јован Бојчовски од охридското одделение за рибарство и аквакултура при Државниот инспекторат за сточарство, подвелече дека подмладокот автохтона пастрмка е стара една година и е во одлична здравствена состојба.
- Ова порибување е само дел од годишниот план што го има предвидено концесионерот, спортско- риболовното друштво „Пастрмка“, рече Бојчовски.
Претседателот на риболовно друштво „Пастрмка“ од Струга Емил Матоски најави дека наскоро ќе се порибува и реката Црн Дрим.
- Во наредниот период е планирано порибување и на реката Црн Дрим исто така со охридска пастрмка, истакна Матоски. Подмладокот пастрмка изминатиот период беше одгледуван во струшкото мрестилиште
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа