Котевски учествува на конференција на началници на земјите-членки на Јадранската група
Генерал-мајор Горанчо Котески, од денеска до 22 ноември учествува на 17. Конференција на началниците на генералштабовите од армиите на земјите-членки на Јадранската група што се одржува во Сараево, БиХ.
Домаќин на Конференцијата е началникот на Здружениот Штаб на Вооружените сили на Босна и Херцеговина, генерал-мајор Анто Јелеч, а покрај учеството на началниците на ГШ на армиите од земјите-членки на Јадранската група (Македонија, Албанија, Хрватска, Босна и Херцеговина и Црна Гора), на конференцијата присуствуваат и началникот на ГШ на Војската на Србија, заменикот на началникот на ГШ на Вооружените сили на Словенија, заменикот на командантот на Европската команда на САД (УСЕУЦОМ) и командантот на ЕУФОР.
На отварањето на конференцијата се обрати министерот за одбрана на БиХ, Зекеријах Осмиќ, а главна тема за учесниците е „Пост ИСАФ приоритетите во одржувањето на капацитетите за колективна одбрана“.
На седумнаесеттата средба на началниците на ГШ од армиите на земјите-членки на Јадранската група, како што соопшти ГШ на АРМ, се разговараше за искуствата и научените лекции од учеството во меѓународните мисии предводени од НАТО, планирање на обука и вежби во функција на подготовките за пост ИСАФ периодот, како и регионалниот пристап кон одбраната на воздушниот простор.
Генералот Котески истакна дека АРМ и Република Македонија како членка на Јадранската група, иако ги исполни НАТО критериумите, е заложник на непринципиелен пристап во нејзината заложба за полноправно членство во НАТО и тоа треба да го анализира и разбере секоја земја членка на НАТО.
По завршувањето на работната сесија од конференцијата, началниците на генералштабовите на армиите од земјите-членки на Јадранската група потпишаа заедничка изјава со која се потврдува понатамошната соработка во рамките на оваа регионална иницијатива поддржана од САД, како и подготвеноста за развивање на капацитетите за обука во функција на учество во идни операции предводени од НАТО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа