Министерот Попоски во посета на Канада
Mинистерот за надворешни работи, Никола Попоски, од денеска престојува во неколкудневна работна посета на Канада.
Во рамки на посетата, предвидено е министерот да оствари повеќе билатерални средби и да присуствува на Меѓународниот форум за безбедност што ќе се одржи во Халифакс на 22 и 23 овој месец, со цел унапредување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете држави и продолжување на позитивниот тренд.
Попоски ќе престојува во Отава, Торонто и Халифакс. Во Отава ќе има средби со неговиот канадски колега Џон Берд, како и со министерот за правда и јавен обвинител на Канада, Питер МекКеј. Се очекува шефот на македонската дипломатија да се сретне и со претседавачот на Сенатот на Парламентот на Канада, Ноел Кинсела, како и со претставници на парламентарната Група за пријателство со Македонија која функционира во рамки на канадскиот Парламент. Тој ќе оствари средба и со претставници на бизнис заедницата во Канада, посети на Универзитетот Карлтон и на престижната школа за меѓународни односи „Norman Paterson School of International Affairs“, а треба да се сретне и со претставници на Македонското меѓународно движење за човекови права (Macedonian Human Rights Movement), на организацијата „Обединети Македонци на Канада”, како и на Обединета Македонска Дијаспора.
Министерот Попоски ќе го посети Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, а ќе учествува и на прием организиран во координација со Црковно – народната заедница и Организацијата Обединети Македонци на Канада во рамките на неколкудневната посета.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа