Најдена е замена за McDonalds - од декември нов ланец за брза храна во Македонија
Грчките ресторани за брза храна „Гудис“ доаѓаат во Скопје. Првиот ресторан на „Гудис“, според неофицијални информации, се очекува да се отвори во „Веро центар“ во декември. „Гудис“ ќе функционира на принцип на франшиза, а како што неофицијално се дознава одговорна компанија за доделување на франшизите ќе биде „Веропулос“ ДООЕЛ Скопје. Од „Верополус“ ДООЕЛ Скопје ни рекоа дека веќе истакнале плакати дека ќе се отвора ресторан „Гудис“, пишува Утрински.
Отворањето ресторани во Скопје пред неколку дена за грчките медиуми индиректно го најави Тасос Папаниколау, извршен директор на групацијата „Вивартија“, под чија капа работи „Гудис“.
Како што изјави Папаниколау, до крајот на годинава е планирано да почнат со работа 22 ресторана во странство, односно во Македонија, Кипар, Албанија, Бугарија, Унгарија, Романија и во Белорусија. На мапата на компанијата за иднина се позиционирани и Црна Гора, Косово, Либија, Украина и Казахстан. Проширувањето на грчкиот и на странскиот пазар, според Папаниколау, во моментов е главна цел на компанијата.
Грчкиот ресторан за брза храна е основан во 1975 година во Солун и до денес важи за еден од водечките синџири за брза храна во Грција, со над 130 ресторани во Грција, а има и два на Кипар и еден во Тирана.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа