Бесими: Во Владата имаме единствен став за името

 

Нема дуализам во Владата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Посетата на Грција е во својство на заменик претседател на Владата за европски прашања и е во функција на создавање клима на соработка, доверба што е од корист за двете страни, вели во интервју за МИА вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими.

- За прашањата во јавноста дали има дуализам во Владата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, можам да кажам дека мојата посета во Грција е во својство на заменик претседател на Владата за европски прашања и тоа на Владата на Република Македонија, која ги претставува интересите на граѓаните на Република Македонија и тука не служам како вицепремиер само за Албанците, за Македонците или само за Турците, туку на сите граѓани во Република Македонија. Со тој мандат сме изгласани во Собранието од пратениците на РМ кои ја имаат поддршката од мнозинството граѓани, вели вицепремиерот Бесими.

За впечатокот во јавноста дека грчката страна полесно се одлучува на средби со претставници на македонската Влада кои се од ДУИ, а некако ги одбегнуваат средбите со македонските претставници, Бесими вели тоа не е корисна теза.

- Оваа теза, посебно во Македонија, не е корисна, затоа што ние сме сите претставници на една влада и работиме во интерес на граѓаните на РМ, а тоа е евроатлантската интеграција, како еден од стратешките приоритети. Самиот факт што ние сме ги прифатиле овие ресори, претходно одбрана, а сега и евроинтеграции, ние мора да ја вршиме нашата агенда и да придонесеме Македонија да покаже напредок. Тоа е генерален став и секој во Владата во својот дел треба колку што може да помогне во успешна реализација на својата агенда, своето портфолио. Во тој дел спаѓа и комуникацијата со Грција во однос на овие прашања. Што се однесува до средбите битно ни е, пред се, да создадеме клима на соработка, да градиме одреден степен на доверба при што од средбите и двете страни ќе имаат корист, оценува вицепремиерот во интервјуто кое МИА денеска целосно ќе го објави.

Тој потсетува дека имало и до сега средби на премиерот и министерот за надворешни работи со грчки претставници, но оти овие средби во Грција се дополнителен импулс и од тоа добиваат Македонија и сите граѓани. - Со добра координација може да имаме само корист од нив, зашто без разлика дали се членови на една политичка партија или на друга, дали се политичари Албанци или Македонци кога ќе станеме членка на ЕУ и НАТО подеднакво ќе бидат среќни сите граѓани - Македонци, Турци, Албанци, Роми..., вели Бесими.    

 

Запрашан за самата посета, тој посочува дека главната цел беше да се разговара за европската перспектива на Република Македонија, особено пред Самитот на Европскиот совет во јуни, како и да придонесе за зближување на односите меѓу двете земји. Тоа што беше важно, подвлекува, е заедничкиот заклучок дека европската перспектива останува најдобрата алтернатива за регионот и оти тие ја поддржуваат РМ во тој процес.

Прашањето за името, пак, било разгледано во контекст на евроинтеграциите.

 

- Во однос на прашањето за името, кое не е директна тема, но се наметнува во разговорите за европските интеграции, заклучивме заедно дека е потребно што побрзо изнаоѓање решение, прифатливо за двете страни, и оти процесот, кој се одвива во рамки на ОН со посредство на амбасадорот Метју Нимиц треба да се забрза до конечно решение, кое би значело прогрес во евроинтеграцијата на Македонија. Инаку, во однос на официјалните прегoвори се знае дека тие се водат во рамки на ОН, а ваквите посети се важни за да се даде позитивен импулс на климата, да се создадат повеќе можности за комуникација, градење заемна доверба, создавање клима на конструктивна соработка, која може да помогне во иднина за процесот, за тоа прашање да се реши. Во тој поглед не треба да има дилема дека има какви било паралелизми во тој процес. Напротив, ние треба да функционираме во рамките на нашите надлежности и да го дадеме својот придонес во овој процес што е од исклучително значење за сите граѓани на РМ, истакнува вицепремиерот задолжен за евроагендата. 

Според Бесими, на средбата со Аврамопулос не станало збор за последниот предлог на медијаторот Нимиц.

- Ние во однос на прашањето за името рековме дека треба побрзо да се реши и во тој контекст се очекува во наредниот  период од двете страни, како што е нагласено од Нимиц, да ги дадат своите позиции со цел процесот да може да се движи понатаму. За содржината секако останува тоа да се процесира во рамки на регуларните преговори и тоа е најдобриот пат, вели вицепремиерот Фатмир Бесими.

Инаку,  вицепремиерот се осврна и за очекувања од самитот на ЕУ во јуни.

- Не би сакал да прогнозирам некој оптимизам, сакам да останам објективен и претпазлив. Ние нашето треба да си го сработиме, да ги продолжиме реформите, да покажеме прогрес во добрососедските односи и во името. Тие се трите работи што Советот во декември ги запиша за нас, а треба да ги завршиме до јуни. Останува министрите на ЕУ во јуни да дискутираат. Сакам реално да пристапиме и прогнозите и амбициите да ги претвориме во наша секојдневна работа, порачува првиот човек во Владата задолжен за европски прашања Фатмир Бесими

најчитано сега