Статистика: За 9 месеци 140 малолетници добиле пријава за насилство
Во првите 9 месеци годинава дури 140 малолетници добиле пријави за учество во насилни инциденти. Според податоците од полицијата, за инциденти слични на вчерашниот кога во автобус со број 65 во Ченто беа повредени 8 средношколци, полицијата кривично пријавила 21 лице. За други 119 се поднесени прекршочни пријави.
Кривични пријави добиле сторителите на делата „убиство во обид“, „тешка телесна повреда“ и „насилство“. Прекршочна одговорност се бара од оние кои сториле дела „физички напад“, „предизвикување, поттикнување и учество во тепачка“, „нарушување на јавен ред и мир во заеднички простори, во двор или училиште“ и „занемарена грижа на дете од страна на родител или старател“..
Бројките во полицискиот билтен практично покажуваат дека не е мал бројот на оние кои ќе одговараат за насилство. Се очекува дека полицијата подетнакво ефективно ќе постапи и за вчерашниот инцидент.
Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, по инцидентите коивчера се случија во автобуси на ЈСП, информира дека МВР ги превзема сите мерки за откривање на сторителите и расчистување на случајот.
- Вчера имаше повеќе инциденти од кои најсериозен беше во автобусот на ЈСП, а МВР интензивно постапува по сите случаи во рамки на своите надлежности и дејствувања, истакна Јанкулоска и во врска со вчерашниот мирен протест на месното население во Стајковци, кое го блокираше патот по инцидентот, со барање за отворање полициска станица и зголемено присуство на полицијата на нивна територија, министерката Јанкулоска нагласи дека сите барања кои пристигнуваат до МВР соодветно се разгледуваат и анализираат и дека тоа е доказ дека граѓаните имаат доверба и можат да се потпрат на полицијата.
Според Јанкулоска, зачестените вакви инциденти, не се само од безбедносно прашање, туку, подвлече, проблемот може да се лоцира и во нарушениот систем на вредности.
- За ова, се спроведуваат низа проекти во соработка со повеќе институции, кои имаат за цел да го намалат бројот на ваквите инциденти помеѓу малолетниците, а преку отворен разговор да го подигнат нивото на општествените вредности кај децата, рече министерката за вантрешни работи.
За среќа, повредените се пуштени на домашно лекување и нивната состојба е стабилна.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа