Грижата за децата од градинките пред пратениците
Пратениците и денеска со полни раце работа. Во Собранието се расправаше за лиценцирањето на воспитувачките во градинките, просторните и кадровските услови и образовните програми.
Министерот за труд и социјална работа Диме Спасов истакна дека во изминатиот период се работело на подобрување на условите во градинките, за проширување на постојните и градење нови капацитети. Министерот потенцираше дека само годинава се отворени 6 нови градинки.Околу лиценцирањето, напомена дека се работи за процес со кој треба да се проверат стручните знаења на вработените во установите за деца, со цел да се развие нивната компетентност.
- Во ниту еден случај вработените не треба да се плашат, бидејќи нема да се дозволи каква било политичка опција или политика да се вклучи во работата на градинките и некој да биде деградиран бидејќи бил припадник на одредена политичка опција. Тој процес почна и ќе се заврши онака како што треба. Постепено ќе се надградува знаењето на стручните лица воспитувачките и градинките, рече Спасов и додаде дека од лиценцирање се исклучени оние вработени кои имаат пет години до пензионирање.
На денешната седница поддршка за лиценцирањето дадоа и универзитетските професори од педагошките факултети. Искуствата покажуваат, посочија тие, дека децата кои се вклучени во претшколски установи од помала возраст и со кои се работи по нови соодветни и современи образовни програми покажуваат најдобри резултати во натамошното образование.
Претставничката на УНИЦЕФ Нора Шабани смета дека во изминатиот период е направено доста за унапредување на грижата за децата од претшколска возраст.
Исто така, еден дел од вработените во градинките смета дека лиценцирањето не е потребно. Се пожалија дека групите деца се пребројни, дека се малку платени и побараа дополнителни вработувања, но и проширување на капацитетите за згрижување деца од претшколска возраст.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа