143.000 родители открија што им прават децата на училиште
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски упати апел до родителите на ученици да достават свои броеви од мобилни телефони или е-маил адреси до матичните училишта, за да можат да добиваат информации за редовноста и успехот на нивните деца. Услугата СМС-порака стартуваше од понеделникот и, според Ристовски, засега успешно се спроведува.
- Одлично се одвива целиот процес, СМС-пораки се дистрибуирани до повеќе од 143 илјади броеви, а и известувања по имејл-адреси. Задоволството на родителите е евидентно и до нас стигнуват позитивни информации. Апелирам до родителите кои се уште немаат доставени броеви, а сакаат, тоа да го направат во матичните училишта и внимателно да ги наведат броевите зашто констатиравме и неточни, истакна Ристовски, додавајќи дека може да наведат и доколку сакаат известувањата да им стигнуваат на мајчиниот јазик на ученикот.
Според Ристовски, вчерашните ветувања на лидерот на СДСМ Зоран Заев за мерките кои ќе ги преземат во образованието ако ја добијат власта, се само обиди за печалење политички поени.
- За мене е жално кога најголемата опозициска партија, која се обидува да ја преземе власта, не понудува мерки за развој на образованието, туку и понатаму продолжуваат со своите деструктивни определби и декларативни признанија за она за што тие ценат дека ќе им донесе извесни политички поени. Тотална грешка е предлогот на СДСМ за укинување на екстерното. Ако тоа не е добар систем на оценување и верификување на знаењето, немаше сите земји во Европската унија да го имаат имплементирано. Жалосен е потсмевот со кој говорат и за математиката. Во таа партија има многу инженери, луѓе кои знаат што значи математиката, и сметам дека со нив треба да се консултираат, изјави Ристовски.
Ристовски информираше и дека претпријатието „Македонски шуми“ вчера доставило два камиона со огревно дрво во двете училишта во Агино Село во Куманово, каде што учениците имаа настава во студени училници. Според него, немањето греење во двете училишта во Агино Село смета дека е неодговорност на градоначалникот на Куманово.
- Се склучува договор меѓу општината и „Македонски шуми“, кое во целост ќе ги сервисира потребите на училиштата и децата ќе добијат затоплени простории, изјави Ристовски за медиумите, по обраќањето на 63-годишнината од Економскиот факултет на УКИМ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа