„Спорот за името ќе зависи само од Македонија и Грција“
Македонско - грчкиот спор за името нема да биде во фокусот на американската дипломатија ниту во мандатот на новиот помошник државен секретар за Европа Викторија Нуланд. Во своето вчерашно претставување на своите приоритети, таа истакна дека одлуката треба да ја донесат двете држави, а не САД.
- Во врска со Македонија, и јас самата во минатото, особено во 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт, лично ги засукав ракавите. Се сеќавам и како се среќавав со премиерот Груевски и со грчките водачи во мојата дневна соба, кога се обидувавме да го решиме спорот. Верувам дека има две или повеќе формулации кои би требало да можат да бидат прифатливи за двете страни. Се работи за дијалог, лидерство и избор, меѓу двете страни, да одберат. Ги знаете кои се предностите кои се на маса ако Македонија и Грција успеат да дојдат до договор. Секако, ќе продолжиме да го поддржуваме процесот на Нимиц, да навиваме за решение, но само вие можете да донесе соодветна одлука, изјави Нуланд, која беше американски амбасадор во НАТО за време на самитот во Букурешт и со тоа директно вклучена во разговорите за прием на Македонија.
Во својот говор пред собраните дипломати и експерти во Атланскиот Совет на САД, Нуланд зборуваше за повеќе спорови на Балканот, но не и на спорот за името. Затоа едно прашање кое Нуланд го најави како фокус на интересот е решавањето на спорот за Кипар. Помошничката државен секретар рече дека состојбите драматично се смениле во Грција, Турција и во Кипар, и во трите земји политичарите сфаќаат дека е време да се реши овој спор, пред се поради откривањето на наоѓалишта на гас јужно од островот кои кипарските Грци не можат да ги експлоатираат без согласност на кипарските Турци.
Во своите забелешки таа се осврна и на напредокот во разговорите меѓу Србија и Косово, велејќи дека САД даваат полна поддршка на напорите на европската дипломатска претставничка Кетрин Ештон за постигнување договор. Од балканските земји, Нуланд ја предупреди и Босна дека, доколку нејзините политичари не постигнат согласност за повеќето отворени прашања, САД ќе мора да ја преиспитаат својата политика.
Таа потенцираше дека САД и Европа сега се фокусирани на самитот на Источното партнерство во Вилниус, на кој клучното прашање е дали ќе се донесе одлука за почеток на интеграцискиот процес за Украина, од која се очекува да ја пушти поранешната премиерка Јулија Тимошенко на лекување во странство. Во стратегиското ниво на односите со Европа, Нуланд рече дека на САД им е потребна ренесанса во односите со Европа, но притоа упати и сериозни предупредувања за економската криза, критиките кон САД за шпионирањето на европските лидери и пред се за кратењето на средствата кои Европа ги одвојува за одбрана.
- Стаписана сум што имаме сојузници кои мислат дека ќе можат и понатаму мирно да спијат, и тоа да ги чини ефтино, и да биде се поефтино и поефтино, изјави Нуланд, која додаде и дека интересот за НАТО е многу опаднат и оваа организација веќе не фигурира високо во дискусиите.
Главен проект меѓу Вашингтон и Брисел и понатаму ќе биде обидот да се договори формирање на слободна трговска зона ТТИП, која би им помогнала на двете страни да се извлечат од економската криза.
Нуланд на функцијата дојде летово, како миленичка на дипломатите и експертите во Вашингтон, но и жестоко критикувана од опозициската Републиканска партија поради начинот на кој ги претстави информациите од нападот врз амбасадата во Бенгази. Таа најави дека фокусот на нејзината работа ќе биде кон Блискиот Исток, велејќи дека 80 проценти од времето на средбите со државниот секретар Џон Кери, дури и кога темата е Европа, се посветени на кризите во арапските земји и како тие се одразуваат врз Европа. Во таа насока, Нуланд објасни дел од ре-организацијата на својот ресор, кој е задолжен за односите на САД со Европа.
Новоименуваната заменичка помошник државен секретар Аманда Слоат, која е задолжена за земјите од јужна Европа како Турција и Грција, сега ќе работи и на координирање на работата на блиско-источното биро со Европа. Во исто време, ресорот на заменикот помошник државен секретар за Балканот, позиција која до неодамна ја држеше амбасадорот Филип Рикер, беше проширена со повеќето држави од средна Европа. На местото на Рикер, кој во текот на зимава треба да ја преземе функцијата генерален конзул во Милано, е именуван поранешниот американски конзул во Солун, Хојт Ји, кој веќе ги почна посетите на регионот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа