Заев: Бројот на работни места во ТИРЗ е зголемен за 8% за една година
Економската активност во Технолошко-индустриските развојни зони е во постојан раст, анализите на ТИРЗ покажуваат пораст на бројот на вработени и извозот од зоните, напиша Зоран Заев на својот фејсбук профил.
-Бројот на работни места во ТИРЗ е зголемен за 8% за една година, споредено јули 2021 во однос на истиот месец 2020 година. Во моментов во зоните работат 14.240 наши сограѓани, а се очекува ваквиот тренд да продолжи во наредните месеци, бидејќи во дел од компаниите се спроведуваат процедури за отворање на нови работни места, а според договорите постојните инвеститори имаат обврска да отворат дополнителни 7.000 нови работни места.
Редовната месечна анализа на ТИРЗ покажува позитивен тренд и во однос на извозот. Во првите седум месеци од 2021 во зоните вкупниот извоз достигна 1 милијарда и 700 илјади евра, што е за 56% повеќе во однос на истиот период лани, односно над 9% во однос на 2019 и речиси 30% повеќе од 2018 година. Само во јули извозот е 225 милиони евра. Според анализата компаниите активни во зоните учествуваат со над 45% во вкупниот извоз на државата, напиша Заев.
Премиерот додава дека овие позитивни бројки се резултат на новиот концепт на привлекување инвестиции на ТИРЗ и Владата кој се базира на анализа на 10 годишни инвестициски планови врз основа на кои се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата, и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата.
-Продолжуваме со реализација на мерки и политики што носат нови инвестиции, нови работни места и повисок животен стандард за сите, напиша Заев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа