Груевски упати честитка до Медведев за Денот на победата над фашизмот

 

Дозволете ми во мое лично име и во име на Владата на Република Македонија да Ви го честитам 9-ти Mај - Денот на победата над фашизмот, ден кога слободољубивите народи од целиот свет остварија победа за поправеден и помирољубив свет базиран на соработка и солидарност.

 На овој датум се присетуваме на храброста и самопрегорот, на големиот број херои и огромниот број жртви, пред се на руска страна, кои беа дадени за победа врз силите на сите оние кои за  време на Втората светска војна застанаа на страната на теророт и најгрубото газење на човековото достоинство и цивилизациски норми. Во таа борба, во која една од главните улоги ја имаше рускиот народ, застана и народот на Македонија, определувајќи се за антифашизмот, бранејќи ја со своите животи правдата и слободата.

 Денес, празнувајќи го 9-ти Мај, се поклонуваме пред таквата определба и пред големото дело на славната историја! Искажувајќи им огромна почит на сите оние кои се водеа од вредностите, и од антифашистичките идеали во минатото, сакам да упатам порака за посветеност и целосна приврзаност кон современите демократски принципи, за соработката помеѓу народите и почитување на меѓународното право и правдата. 

 Овој датум претставува уште еден заеднички симбол на длабоките и пријателски, историски, културни и духовни врски помеѓу Македонија и Русија. Верувам дека таквите врски ќе продолжиме да ги негуваме и соодветно унапредиме во секое поле од заеднички интерес.

 Честитајќи Ви го денешниот ден, Ве молам, Ваша Екселенцијо, да ги примите изразите на моето високо почитување.

Интегрален текст од честитка на премиерот Груевски.

најчитано сега