Школарини за четворица македонски студенти од Детроит
Организацијата Обединети Македонски-Американци од Детроит (ОМАД), на својот четврти годишен собир, организираше собир на кој беа обезбедени донации за четири школарини за Македонци од САД и од Македонија.
- Целта на нашата организација, формирана пред четири години, е да се промовира соработката меѓу црковните организации на околу 125.000 Македонци колку што сметаме дека живеат во околината на Детроит. Воедно, ние сме и хуманитарна организација и соработуваме со две сиропиталишта во Битола и во Скопје и правиме што можеме да им помогнеме со донации, изјави Том Бајоф, бизнисмен од Детроит, претседател на ОМАД која го организираше собирот во црквата Свети Климент Охридски во Дирборн во Детроит.
На собирот му била доделена и благодарница на македонскиот амбасадор во САД, Зоран Јолевски, во која се истакнуваат неговите напори за обединување на Македонците во САД и за промовирање на македонската традиција, култура и обичаи.
Ова е четврти собир на која стотици Македонци од околината на Детроит се собираат да обезбедат средства за хуманитарни цели.
ОМАД обезбеди школарини за Ешли Несторовска и Владимир Мадик, македонски студенти од САД, како и за Стојанче Андов и Драган Стефановски, студенти од Македонија. Свое обраќање на вечерата имал Андов, кој студира теологија во духовната академија Света Троица во сојузната држава Њујорк.
- Нашата цел е да ги продолжиме програмите за школарини, за помош на домовите за деца без родители, собирање книги за потребите на Македонија. Младиот Стојанче Андов даде навистина прекрасен осврт на својот живот, кој го започнал токму во еден од овие домови за деца без родители. Цел на овие средби е и нашите деца да научат што е можно повеќе за Македонија и да останат поврзани со родната земја, во соработка и со Македонската студентска организација од Детроит, изјави Бајоф.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа