Груевски испрати честитка до Барозо за Денот на ЕУ

Премиерот Никола Груевски по повод 9 Мај-Денот на Европа, денеска испрати честитка до претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо, во која посочува дека на овој ден се одбележува европското обединување, чија цел е мир и благосостојба на граѓаните во Европа.

- На овој значаен ден се потсетуваме на европските вредности кои се темелат на обединувањето и заемното почитување на различностите и солидарноста како мотив во меѓусебните односи. Сакам да истакнам дека Република Македонија со нетрпение очекува да биде дел од европското семејство и да придонесе за развојот на оваа голема идеја, вели Груевски во честитката.

Република Македонија, како што потенцира Груевски, ја цени досегашна поддршка на патот кон целосно интегрирање во европските и евроатланските процеси. - Особено го ценам Вашиот интерес за следење на развојот на мојата земја и сугестиите за побрз напредок. Се надевам дека постигнатиот напредок и резултатите во имплементацијата на реформите ќе бидат главните аргументи кои ќе овозможат во јуни оваа година да се донесе одлука за отпочнување преговори за членство во Европската унија, истакнува Груевски во честитката до Барозо

најчитано сега