Македонија ќе добие нови 132 километри автопат
Директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски информира дека со двете нови делници од Скопје до Штип и од Кичево до Охрид ќе бидат изградени нови 104 километри автопат.
-Заедно со делницата Демир Капија - Смоквица, чија изградба е во тек, автопатската мрежа во Македонија ќе биде зголемена за 132 километри што е за околу 64 проценти повеќе во однос на сегашната вкупна должина од 262 километри, вели директорот на Агенцијата за државни патишта во интервју за МИА.
Георгиевски истакнува дека е планирано автопатот од Скопје до Штип да биде со должина од 47 километри, а делницата од Кичево до Охрид долга 57 километри: - На делницата Скопје (Миладиновци) - Свети Николе - Штип се предвидени 7 клучки, севкупно 13 надвозници и подвозници и 10 мостови и вијадукти. Делницата Кичево - Охрид заради потешкиот терен има повеќе објекти на траса, односно 1 клучка, 19 надвозници и подвозници, вкупно 29 мостови и вијадукти, како и тунел кај Пресека кој со должина од 2 км ќе биде најдолгиот во Република Македонија, истакнува Георгиевски.
Исто така, во однос на наплатата на патарините, Георгивски вели дека минатата година Јавното претпријатие за државни патишта ја завршило со поголем приход од наплата на патарината за 8,3 проценти или за 89.286.000 денари повеќе во однос на 2011 година. Во првите девет месеци од годинава приходите од наплатата на патарината се зголемени за 22,1 проценти или повеќе за 189.500.000 денари во однос на првите девет месеци од 2012 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа