Грчки медиуми: Атина е подготвена да прифати име со јасна географска одредница

 

Официјална Атина испрати јасна порака до Скопје на вчерашната средба меѓу министерот за надворешни работи Димитрис Аврамопулос и заменик претседателот на македонската Влада задолжен за европски прашања  Фатмир Бесими, јавија сите грчки медиуми.

„Аврамопулос: ќе прифатиме име со јасна географска одредница“ е насловот во речиси сите грчки медиуми кои заклучуваат дека решавањето на прашањето за името е услов за Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ.

„Аврамопулос испрати моќна порака до Македонија по неговиот состанок со вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими, истакнувајќи дека добрососедските односи и решавањето на спорот за името се услови за евро-атлантскиот курс на Македонија“, коментира државната телевизија ЕРТ.

Не отстапувајќи од досегашната пракса, официјална Атина и овој пат искористи да ја нагласи нејзината „конструктивност“ истакнувајќи дека „Грција отсекогаш била мост меѓу сите нејзини соседи и Европа“ и оти „тоа се гледало во нејзиниот цврст став и играњето витална, стабилизирачка улога“.

На грчката јавност и е пренесена и констатацијата на Аврамопулос дека „фактот што постојат проблеми не значи дека не разговараме за работите“. 

- Напротив: ваквите средби се особено корисни и конструктивни, бидејќи тие обликуваат, создаваат, консолидираат клима, атмосфера на доверба во нашите односи, изјави Аврамопулос потсетувајќи дека се има сретнато со Бесими кога двајцата беа министри за одбрана.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, никој во Грција во овој контекст не се праша за кои средби зборува нивниот министер, ниту некој ги спомена поканите од страна на македонскиот државен врв за средби со грчките функционери, кои останаа неодговорени или одбиени. Само пред четири месеци Аврамопулос ја одби поканата на еврокомесарот Штефан Филе за трилатерална средба со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски. 

најчитано сега