Бесими: Интеграцијата во ЕУ е заедничка цел на сите партии во Македонија

 

Вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими започнува нова традиција на европски појадок со дипломатскиот кор, а ја продолжува и старата на средби со поранешни вицепремиери за европски интеграции и двете во рамки на одбележувањето на 9 Мај - Денот на Европа.

- Идејата е ова да стане пракса. Целта на ваков формат средби е фактот дека европската перспектива, односно интеграцијата на Република Македонија во ЕУ е заедничка цел и консензуално прашање на сите политички партии. Секако дека во секоја фаза секој од вицепремиерите врз основа на таа стратешка определба го дал својот придонес во овој ресор и тука сме денес уште еднаш заеднички да го потврдиме приоритетот на Република Македонија за членство во Унијата, рече Бесими.

Според него, средбата со неговите претходници дава можност за отворен разговор со критички осврт на евроинтеграциите. Во таа насока, додаде, договорено е формирање Совет на вицепремиери за евроинтеграции како неформално тело кое ќе се среќава на Денот на Европа, но и спроти извештаите од Европската комисија за прогресот на земјата.

Јане Миљовски, еден од првите вицепремиери за евроинтеграција, истакна дека секој од нив може да пренесе дел од личното искуство во однос на евроинтеграцискиот процес. Според него, Македонија е многу мала за да се откажува од знаењето на тие што претходно биле вклучени во некој процес бидејќи сите се граѓани на оваа држава без оглед на политичката припадност.

Вицепремиерот Бесими подвлече дека средбата со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ ќе биде во функција на разговори за перспективата на земјата за членство во ЕУ и за размена на мислења на таа тема, вклучувајќи го напредокот на Македонија во реформите и претстојниот извештај од Европската комисија.

Одговарајќи на новинарско прашање, вицепремиерот Бесими рече дека и покрај пролонгираниот процес на пристапување кон ЕУ, поддршката на македонските граѓани и натаму е висока и се движи меѓу 70 и 90 проценти. 

најчитано сега