ФИТР: Земјава ќе стане нова атрактивна дестинација за дигитални номади
Во ерата на дигитална економија која овозможува се поголема слобода во начинот на работење, државава има голем потенцијал да привлече експерти од целиот свет. Дополнително, КОВИД кризата придонесува за зголемување на стапката на вработени кои работат од далечина, а со тоа се зголемува и свеста за можностите и придобивките кои ги нудат овие луѓе, е заклучокот од интерактивниот вебинар „Зошто дигиталните номади и стартап основачи треба да дојдат во С Македонија“.
На вебинарот дискутираа директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, поранешниот извршен директор на Start-Up Chile, Себастијан Дијаз Меса, дигигиталниот номад од Канада, Саманта Миките, како и коосновачот на Стартап Македонија, Нина Николиќ.
Како што соопшти ФИТР, Микит која изминатиов период работела во земјава, рече дека е фасцинирана од потенцијалот за развој и привлекувањето дигитални номади. Таа преку своето искуство ги потенцира придобивките кои дигиталните номади ги имаат со тоа што ќе одлучат да работат во нашата земја.
-Особено сум горд што Република Северна Македонија е една од ретките земји која ќе ги отвори вратите на дигиталните номади. Со стимулот која нашата земја го дава за нивен развој, ќе создадеме европски стандарди и услови за странските претприемачи да работат и живеат во земјата. Сега е ерата на дигиталните номади, кои ќе донесат огромни придобивки врз локалната економија како и шанса за соработка и вмрежување со македонските стартапи, истакнал Петров на вебинарот.
Дијаз Меса смета дека ставањето на талентот во центарот е она што му овозможува на екосистемот да расте. Чиле го докажа тоа уште пред 10 години кога беше создаден Start-Up Чиле како најдобриот претприемачки екосистем во регионот.
-Северна Македонија покажува уште поголем потенцијал, да се внесе разновидност во локалниот екосистем за зајакнување на претприемништвото и иновативноста, како клучни компоненти на современите економии, истакна Дијаз Меса.
Според Николиќ, „Стартап Македонија” целосно ја поддржува иницијативата за дигитални визи за номади. Со тоа, смета, им се дозволува на меѓународните експерти и осовачи на стартапи да имаат подолг престој во нашата земја и да создадат уште поголемо влијание во новата економија.
Неодамна беше формиран Стартап совет на ФИТР чија главна цел е креирање долгорочна стратегија за привлекување дигитални номади во Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа