Бугарскиот европратеник Кирилов повторно ја нападна Македонија во Брисел

 

Бугарскиот пратеник во Европскиот парламент, Евгени Кирилов, ја искористи можноста на денешниот состанок во Брисел за подготовка на следната средба на Мешoвитиот парламентарен комитет за повторно да ја нападне Македонија.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, во отсуство на грчки пратеници во Европскиот парламент, европратеникот Кирилов, кој е познат по неговата анти-македонска кампања во европскиот законодавен дом, денеска повторно нападна за изјавата на министерот за надворешни работи Никола Попоски, која во последно време Бугарите целосно ја вадат од контекст и обвинуваат дека, наводно, Македонија не сака да се постигне договор за добрососедство. Но, тој за ова доби одговор од македонскиот шеф на мисијата при Европската унија, Андреј Лепавцов:

- Се работи за изјава што е целосно извадена од контекст. Министерот Попоски кажа дека не е потребен договор за реализација на иницијативите кои Македонија ги предложи како остварување на прекугранична соработка и слично. А, што се однесува до договорот за добрососедство, веќе се остварени четири средби и тој договор треба да биде симетричен и реципроцитетен, со права и обврски кои ќе вклучуваат признавање и прифаќање на националната и јазична култура и другите различности. Во секој случај, македонската Влада е подготвена да продолжат преговорите, посочи амбасадорот Лепавцов.

Но, Кирилов тука не застана и потоа го нападна претставникот на Европската комисија, Дејвид Кулен, укажувајќи му дека имало грешка во Специјалниот извештај за Македонија во однос на посета на претседателот Ѓорге Иванов на бугарскиот клуб, дека Комисијата напишала дека го посетил невладиниот Бугарски културен клуб во Скопје, а всушност Иванов бил во центарот при бугарската Амбасада во Македонија. На ова, Кулен му одговори дека таа грешка е веќе исправена и дека Комисијата издаде официјална корекција.

По дебатите, присутните постигнаа договор и ја утврдија агендата за следната средба на македонските и европските пратеници, што ќе се одржи на 21 и 22 мај во Стразбур, во исто време кога на пленарна сесија на Европарламентот ќе се гласа и за резолуцијата за Република Македонија.

најчитано сега