Пратенички прашања во Собранието на Македонија

 

Во Собранието на Македонија како и секој последен четврток од месецот, се одржа седница за пратенички прашања.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски на денешната седница на чиј дневен ред се пратенички прашања информира дека одговорност е да се обезбеди колку што е можно поголема енергетска независност на Република Македонија.

Пратеничката Вјолца Мехмети-Нуредини од ДУИ, која праша за состојбата во РЕК Осломеј по 2015 година, додаде дека добро е електричната енергија во државата да се произведува колку што е можно повеќе од објекти кои се наоѓаат под државата, се разбира  со предуслов дека тоа економски е оправдано.

- Во случајов на Осломеј, доколку не се обезбеди продолжување на работата во рудникот кој во овој момент е во крајна фаза на експлоатација на постоечките резерви, односно доколку не се овозможи отворање ново рудно тело, а токму тоа е предмет на разговори со локалното население, Осломеј ќе се соочи со две можни сценарија. Првото, или да се најде друг извор на јаглен, дали тоа ќе биде некој од соседните држави или ќе се носи од РЕК Битола, можеби ќе се увезува од странство па ќе се прави дополнителна пруга со цел да се обезбеди снабдување со јаглен. Тоа е опцијата да продолжи со работа рудникот, но не со користење на локална руда, рече Пешевски.

Втората опција, како што рече, би значело затворање на рудникот РЕК Осломеј.

Тој е оптимист дека почнатите разговори, во кои се вклучени политички претставници на локалното население, ќе се интензивираат во следниот период и оти ќе се изнајде решение за да биде направена фер и разумна експропријација  на земјиштето каде може да се отворат овие рудници.

- Добро е да се врати земјата во првобитната состојба, но прашањето е тоа кој тоа ќе го плати. Одговорот е дека тоа ќе го платат граѓаните на Република Македонија и тоа директно ќе биде рефлектирано во трошоците на ЕЛЕМ доколку се направи во голем обем односно ќе биде ефектуирано во цената на електричната енергија, рече Пешевски.

31.10.2013 - 15:34

најчитано сега