Промовирана монографијата „Македонија – туристички бисер“

 

„Македонија – туристички бисер“ е насловена илустрираната монографија за туристичките потенцијали и културно-историските знаменитости на Република Македонија.

Монографијата денеска беше промовирана во Порта Македонија од страна на Министерството за култура.

Монографијата е отпечатена во 3.000 примероци на македонски и на англиски јазик, има 592 страници, и во неа се претставени повеќе од 350 места за посета со над 1.700 фотографии, како и 12 карти. Автори на текстовите се проф.д-р Благоја Маркоски, проф.д-р Ратомир Гроздановски, проф.д-р Тодор Чепреганов и Дејан Николовски. Автор на текстовите од исламската култура и архитектура е Хаџи Африм ефенди Тахири. Автори на фотографиите се Анте Јосифовски, Благоја Маркоски, Емилија, Савевска-Георгиева, Љупчо Меловски и Славчо Христовски.

- „Македонија - туристички бисер“ е комплексно дело кое напорно, но трудољубиво се работеше повеќе од две години - со многу љубов и ентузијазам, но и со должна темелност и посветеност кон основната идеја: да се опфатат сите важни туристичко-географски аспекти за целата територија на Република Македонија, разработувајќи ги нејзините туристички вредности низ десет туристички региони одделно. Мото на ова издание е „Македонија - полна со живот“, истакна Николовски.

 Публикацијата ги презентира и новите архитектонски дела кои го градат имиџот на нашата модерна метропола, кои се изградија во изминатиот период и кои се провокација многу туристи од разни држави да го посетат нашиот главен град. Композициите од текст, мапи и фотоилустрации застапени во монографијата ги нудат основните географски и историски карактеристики на Македонија и на нејзините 10 туристички региони, рече Канческа Милевска.

Монографијата „Македонија – туристички бисер“ е во издание на Информативно-деловен бизнис центар“-Скопје.

најчитано сега