Мицкоски: Економијата колабира, драматичен раст на невработеноста, пад на индустриското производство и извозот

 Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оцени дека економската состојба во државата е се потешка, дека економијата колабира и оди во амбис и оти се повеќе луѓе остануваат без своите работни места. Тој посочи дека имало неколку индикатори што го покажуваат она што го тврди.

Зборувајќи за индустриското производство рече дека во март 2020 година тоа е за 13,4 отсто помало од истиот месец во 2019 година, а за периодот од јануари месец до март месец 2020 година или првиот квартал од оваа 2020 година е за цели 3,7 отсто пониско од истиот период во 2019 година.

– Преработувачката индустрија, пак, која што е најголем дел од индустриското производство, некаде околу 75 отсто, во месец март 2020 година бележи пад од цели 14,3 отсто споредено со истиот месец во 2019 година. Периодот од јануари до март месец во 2020 година кај преработувачката индустрија е забележан пад од 2 отсто споредено со истиот период од минатата година. Ова е во првиот квартал на оваа година месеците јануари и март. Можеме да замислиме што ќе се случува во најтешките месеци, во вториот квартал а тоа се месеците април, мај и јуни, додека повторно гледаме пресврт во ставовите на ресорниот министер и пресврт во ставовите на Зоран Заев дека повторно почнуваме да блескаме, рече Мицкоски.

За истиот тој период, според Мицкоски, вториот индикатор вели дека бројот на работниците во индустријата во март е за 4,5 отсто помал од бројот на работниците во март во 2019 година, а бројот на работниците во периодот јануари и март во 2020 година во првиот квартал е за цели 3,6 отсто помал од бројот на работниците во индустријата за истиот период во 2019 година.

Во однос на стоковата размена, лидерот на опозицијата рече дека извозот во март бележи рекорден пад од 26,6 отсто споредено со истиот период лани.

– Извозот, оној кој што е најзначаен за македонската економија и за сите оние компании кои се извозни, во месец март 2020 година, бележи рекорден пад од 26,6 отсто споредено со истиот месец во 2019 година, а во периодот од јануари до март 2020 година извозот бележи пад од 8 отсто споредено со истиот период во 2019 година, рече Мицкоски.

Четвртиот параметар на кој посочува лидерот на опозицијата се даноците што ги собира УЈП.

– Управата за јавни приходи (УЈП) од јануари до месец април 2020 година планирала да собере околу 31 милијарда денари, а реализирани се 24,7 милијарди денари или за 20 проценти помалку од планираното. Зборуваме за даноци кои што се однесуваат на последниот месец од 2019 година и на првите три месеци од 2020 година. Најтешкото допрва следи, а тоа се месеците април, мај и јуни, посочува Мицкоски.

Овие даноци кои што ги прибрала УЈП, како што рече тој, се за 10 отсто помали за истиот период од 2019 година.

– Планирани биле во април 2020 година да бидат собрани осум милијарди и 900 милиони денари, а реализирани или собрани се пет милијарди и 600 милиони денари, или за цели 3,3 милијарди денари помалку или тоа е од прилика околу 55 милиони евра помалку. Тоа значи дека за 37 отсто, УЈП во месец април успеала да собере помалку даноци споредено со планираното или за цели 29 отсто помалку од истиот месец во 2019 година, рече Мицкоски.

За данокот на добивка, во периодот од јануари до крајот на април 2020 година планирано било да се соберат 6 и пол милијарди денари, а се собрале 4, 4 милијарди денари или за цели 33 отсто помалку од планираното, а 9 отсто помалку од истиот период минатата година.

– Доколку го слушате Зоран Заев ќе добиете бројки во милиони, но никако нема да ја слушнете вистината, бидејќи вистината е поразителна и за Зоран Заев и за СДСМ и за ресорните министри кои што се одговорни за економските политики на оваа влада, рече Мицкоски.

Во април 2020 година, како што кажа, данокот на добивка бил планиран да се собере во висина од 2 милијарди и 317 милиони денари, а биле реализирани 1 милијарда и 436 милиони денари или за цели 38 отсто помалку од планираното или за 3.5 отсто помалку од истиот месец во 2019 година.

– Кога сме кај данокот на додадена вредност периодот од 1 јануари до крајот на април 2020 година, биле планирани да бидат собрани 18,4 милијарди денари, а биле реализирани 14,5 милијарди денари, или за 21 отсто помалку од планираното или споредбено со истиот период во 2019 година за 14,5 отсто помалку. Само во април 2020 година биле планирани приближно 5 милијарди денари, а биле реализирани околу 2 милијарди 850 милиони денари или тоа е за цели 45 отсто помалку од она што било планирано или за 43,5 отсто помалку од тоа што било реализирано во 2019 година, рече Мицкоски.

Ова, според него, се четири суштински индикатори што треба да ја вклучат ламбата дека нешто не чини во економијата и дека треба да се менува.

– Додека буџетот слабо се полни, додека буџетот крахира и додека не убедуваат дека блескаме, а потоа одиме во амбис, па повторно блескаме, безмилосно се трошат пари од истиот тој буџет, се реализира буџетскиот дефицит во вредност од 7,4 милијарди денари или приближно 120 милини евра во обид да се корумпираат гласачите во првите три месеци, а тоа коинцидира со периодот пред реализирањето на веќе одложените предвремени парламентарни избори, рече лидерот на опозициската партија Мицкоски на прес-конференција. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.05.2020 - 14:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега