“Слободна Далмација”: Македонија, Црна Гора и Србија заедно во ЕУ во 2020 година
Во Брисел се размислува сценарио идното проширување на Европската унија да се подели на два дела. Македонија, Црна Гора и Србија би глегле во Унијата во 2020 година, а Албанија, Босна и Херцеговина и Косово во 2023 година, објави денеска хрватскиот дневен весник “Слободна Далмација”, пренесе МИА.
Според овој весник, иако претходно постоела опасност процесот на проширување целосно да замре, по последните прогрес извештаи на Европската комисија за земјите-кандидати и потенцијални кандидати, овој процес, барем што се однесува на Балканот, повторно дише со полни гради.
- Најдалеку кон членство во ЕУ се придвижи Црна Гора, која веќе преговара. Србија може да ја достигне ако ги реши сите прашања со Косово, додека Македонија има проблем со Грција и поради тоа оваа држава, иако долго време има статус на земја-кандидат, не може да ги отвори преговорите, се наведува во текстот на “Слободна Далмација”.
Што се однесува до Албанија, БиХ и Косово, хрватскиот весник потенцира дека овие три земји ќе ги следат претходните што заеднички би влегле во ЕУ во 2020 година и со силни напори и реформи, по три години, односно во 2023 година и тие би станале дел од “големото европско друштво”. Со ова, според “Слободна Далмација”, би се заокружил процесот на проширување на Унијата на Балканот што е дел од Солунската агенда на Брисел од 2003 година.