Работилница за тренери T4T за студенти и членови на EESTEC

 

Веројатноста дека може да се опише возбудата, која сеуште си се држи кон својот експоненцијален раст, при дознавањето дека никој друг, туку токму EESTEC LC Skopje (Electrical Engineering StudenTs’ European assoCiation, Local Committee, Skopje) ќе го организира најдобриот, најоригиналниот, наједукативниот и едно (нај) во периода настан, се сведува на минимум.

Што всушност организираaaт тие?

Верувале или не, тоа се три карактери кои едноставно прават чудо – T4T (Training For Trainers). 

Хмм, а што всушност претставува тоа?

Т4Т е настан со интернационален карактер, во кој ќе земат учество студенти – членови на организацијата EESTEC од цела Европа. Ако би сакала додатно да ја искомплицирам реченицава, би рекла: „10.180.000 км2 површина, овој пат десет дена ќе бидат сместени на само 25.713км2 површина!“

Присуство ќе земат 6 тренери од интернационалниот тренинг тим на EESTEC, кои имаат одржано голем број на работилници низ Европа. Овој пат имаат задача да ги оспособат нашите партиципанти да станат добри барем колку нив. Нема повеќе срам од јавно говорење, нема трема пред публика, нема додавање на микрофонот друг да води тренинзи наместо вас.

Токму така.

Им даваме шанса на студентите од техничките науки да ги научат вештините кои му се вродени на еден оратор. Можеби токму еден од овие партиципанти е следниот Steve Jobs.

Кога и каде ќе се одржува?

Официјалниот датум за одржување на настанот е од 20 – 30 октомври. Распоредот на одржување на истиот, пет дена во балканскиот бисер, нашиот најубав Охрид и пет дена во главниот град Скопје.

Сите оние кои ќе земат учество на овој настан, веруваме дека после десет дена макотрпна работа и десет непроспиени ноќи, ќе бидат горди на резултатот кој некако се споредува со јаготката на шлагот.

А, зошто ли би било тоа така?

Зарем не би сакале за промена да знете дека вашите непроспиени ноќи се исплателе? Зарем има нешто подобро од аплаузот кој ќе го добиете на крајот од говорот или задоволството дека сте успеале во 4 часа на некого да му пренесете нешто корисно? Како што и самата структура на настанот навестува, ова е едукативен настан кој кај заспаните ги пробудува нивните тренерски способности, а кај оние другите, кои се свесни за нив, ги издигнува на уште повисоко ниво. Или, како што јас би сакала да речам: „Еден ден тие учат од тебе, а веќе следниот те учат тебе.“

Останува да видиме дали нашите амбициозни ученици ќе ги надминат сопствените граници и ќе станат подобри од своите тренери.

За повеќе информации би можеле да погледнете овде:

http://eestec-sk.org.mk

 

http://ts.eestec.it/event/6th-eestec-training-for-trainers-t4t/

17.10.2013 - 22:46

најчитано сега