Мицкоски: Најголема неправда би била Заев да потрае во политиката, ќе предложам нов кандидат за прв човек на МВР

Сведоци сме на проблематизирање на техничката влада од страна на власта, пред се на изборот на професионално решение за прв човек во МВР. Зад сето ова стои стравот на СДСМ и Зоран Заев од соочување со народот, поточно стравот од избори, исткна на денешната прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во продолжение интегрален текст од неговата прес-конференција

„Тој страв е темелен на тоа што подоцна ќе мора да се соочат со сите грешки од своето владеење, а за грешките ќе мора да има одговорност.

Но воедно таквата реакција е и рефлексија на трулиот систем кој отфрла професионалци. Тоа е истиот систем на Заев кој професионализмот, квалитетот за кој се бориме, принципите и вредностите ги детектираат како антитело и ги отфрла, несакајќи да се промени, несакајќи да се соочи со своите слабости и недостатоци.

Професионалците не се природната средина ниту за Оливер Спасовски, ниту за Зоран Заев.  Тие сакаат да бидат опкружени со луѓе нивни обожаватели, клиентелисти и материјалисти.

Тоа е истиот систем кој донесе епидемија од непотизам, дисторзија на вредностите.

И не е само отпорот кон професионалци, туку и тоа што, за да го отфрли предлогот Заев, Спасовски и останатите си земаа улога да бидат и Уставни судии, па го толкуваа Уставот, истиот оној кој претходно го прекршија безброј пати.

А таму има системски недерочености.

Власта упорно го цитира Членот 97 од Уставот, а  Членот 23 од Уставот е јасен, односно тој вели секој граѓанин во државата има право да учествува во вршење на јавни функции.

Дополнително, во оваа држава Уставен суд не се ни Зоран Заев ниту Оливер Спасовски. Но нивното однесување, однесувањето на  уплашените членови на СДСМ во владата на Македонија, деновиве само потврди дека замешателството на оваа влада на чело со Зоран Заев во било која судска истанца, тоа Основен суд, Апелационен суд, врховен суд, или уставен суд е неминовност. А кога станува збор за Уставниот суд тој воспоставува пракса во минатото за ваков сличен случај. Ќе ве потсетам Уставниот суд во состав Лилјана Ингилизова Ристова, Трендафил Ивановски, кој што се потпишува како доктор на науки, Махмуд Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бајрам Положани, Игор Спирковски, Зоран Сулејманов на 3 ноември 2004 година носи одлука во која што се прогласува за ненадлежен да постапува по поединечен акт кој што во тоа време Хелсиншкиот комитет го поднесува до Уставниот суд и практично ја оспорува номинацијата на тогашниот  министер за внатрешни работи кој што најпрвин го идентификува како заменик директор на Управата за безбедност и контра разузнавање во одреден период, а потоа и за директор во Управата за безбедност и контра разузнавање.

Понатаму овие исти судии велат дека се ненадлежни да постапуваат во оваа претставка поднесеа од Хелсиншкиот комитет бидејќи тоа бил поединечен акт и прераснува во т.н. Судска пракса. Од друга страна ние во Уставот немаме категорија наречена технички министер, но и техничка влада. Но кога станува збор за уплашените Зоран Заев и Оливер Спасовски тогаш никогаш не им пречи да ја прифатат улогата на уставни судии па да коментираат да суда, да пресудуваат, па да носат одлуки и пресуди за лица кои што се професионалци и лица кои што треба да се гордее цела држава бидејќи ги  има во своите редови.  За жал денеска дел од тие лица се прераспределени.

Би сакал уште нешто да кажам бидејќи тие се против професионализацијата и против професионалците, но затоа пак не им пречи партизацијата и прекршувањето на законите.

Ќе го цитирам Законот за внатрешни работи, членот 32 и членот 33, каде што се дефинира статусот на овластено службено лице и работник во МВР, таму се опфатени и министерот, и заменикот и останатите.

Истовремено во членот 168, ставот 1 кој што вели: „работник во министерството не смее да основа, да раководи, да ја застапува и претставува политичката партија и да биде член на органите на партијата утврдени со нејзиниот статут“.

Ќе ве потсетам господинот Оливер Спасовски кога беше предложен за министер за внатрешни работи истовремено според статутот на СДСМ беше Генерален секретар на таа партија, а откако се случија оние настани што се случија со изборот на новата влада, ова лице беше потпретседател на СДСМ но тоа не му пречеше на тогашниот мандатар Господинот Зоран Заев да го прекрши законот за внатрешни работи и да го предложи неговиот потпретседател за министер за внатрешни работи. Ова уште еднаш ја покажува уплашеноста, стравот, лицемерието и дволичниот карактер на Зоран Заев и Оливер Спасовски.

Но нека не се грижат за неколку месеци од денеска доаѓа денот кога за сето ова ќе треба да се понесе одговорност, за сето ова ќе треба правилно да се читаат и Уставот и правилно да се читаат и законите. Се чудам како онаа професорка на правниот факултет  која што обавуваше неколку позиции во владата, тогаш не го посочи и не го подучи мандаторот да му каже дека предложувајќи  го Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи грубо, грубо, флагрантно го крши законот за внатрешни работи бидејќи според статутот на СДСМ ова лице беше потпретседател во таа партија но истовремено ќе повторам и ќе ја потсетам јавноста уште еднаш дека беше предложен за министер за внатрешни работи.

Потребно е одговорно однесување а секој поминат ден со оваа власт значи поголема  штета за државата. Секој ден повеќе СДСМ на власт значи и повеќе порази во економијата, стопанството, земјоделието, образованието , здравството. Јас нема да дозволам да го имаат тоа задоволство да избегаат од избори а после изборите одговорност. Нема да дозволам со ситни итромански игри да одбегнат да се соочат со одговорноста и одговорот на народот.

Отпорот на Заев кон кандидатот што го предлагаме е неправда, како за сaмата личност, но и за професионализмот на многу како него. Но, најголема неправда би била оваа власт да избега од избори и Заев да потрае во политиката заедно со Шекеринска и Оливер Спасовски ден повеќе. А битката за професионализмот ќе биде драстична и голема на првиот ден веднаш по 12 април. Тоа ви го ветувам. Пред прагот сме на еден голем предизвик кога ќе треба убедливо да се поразат лагата, криминалот, корупцијата, срамот, понижувањата, декаденцијата и сето она што трета година по ред е реалност на политичката сцена во нашата држава. Токму затоа, јас во текот на денешниот ден ќе предложам ново име – кандидат за прв човек на Министерството за внатрешни работи. Заев ќе падне, и заедно со народот ќе ги поминеме сите препреки кои што тој и малкумината обожаватели околу него ни ги поставуваат на тој пат“ рече Мицкоски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

02.01.2020 - 14:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега