Македонска собраниска делегација на Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева
Македонска собраниска делегација предводена од потпретседателот Јани Макрадули е биде дел од 129. Собрание на Интерпарламентарната унија во Женева. Во состав на македонската собраниска делегација се пратениците Силвана Бонева, Неџати Јакупи, Имер Алиу, Горан Мисовски и Рејхан Дурмиши.
Во текот на вчерашниот ден делегацијата учествуваше во панел-дискусија на тема „Кон развој што е отпорен на ризици, земајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања“. За време на дискусијата пратеничката Бонева нагласи дека Македонија активно работи на градење на капацитети и ја промовира агендата за намалување на ризиците од катастрофи на локално, национално, регионално и глобално ниво.
- Во 2010 и 2011 година, Република Македонија претседаваше со Европскиот форум за намалување на ризици од катастрофи, со што беше даден значаен придонес кон регионалните и глобалните напори за градење на побезбеден свет и обезбедување на развој отпорен на ризици, рече Бонева.
Исто така, Бонева истакна и дека Македонија води посебна социјална политика, со цел да се запре стареењето на населението и да се поттикне раст на наталитетот.
- Имплементирани се повеќе стимулациски мерки поврзани со популацискиот развој, како што се, на пример, постојаниот паричен надоместок за трето дете, пензии за мајки кои одгледале четири деца, бесплатно основно и средно образование, бесплатни учебници,..., посочи Бонева.