Првото полугодие од годинава седум дечиња загинале во сообраќајни несреќи во Македонија
Денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, придружувана од министерот за образование и наука Спиро Ристовски, како и министерот за труд и социјала Диме Спасов, ги учеше основците како да се снајдат и заштитат во различни ситуации во сообраќајот.
ДВД изданието на „Сообраќаен буквар 2“ покажува дека од вкупно 87 жртви во сообраќајни несреќи годинава, седум се деца до 14-годишна возраст.
- Наша цел како надлежни институции е колку што може повеќе да ја подигнеме свеста за одговорноста при учеството во сообраќајот на сите учесници. Токму заради тоа сметаме дека е најдобро сообраќајните правила и прописи и начинот на кој поединците треба да се однесуваат во сообраќајот да се научат од најмладата возраст. Сообраќајниот буквар што го промовираме денеска го направивме достапен до сите дечиња во градинките и учениците до четврто одделение во сите училишта во Република Македонија, изјави по промоцијата министерката Јанкулоска.
Министерката Јанкуловска потенцираше дека активностите што се преземаат за побезбедно учество на сите во сообраќајот се поради се почестите сообраќајни несреќи.
- На начин прилагоден на нивната возраст ќе им биде јасно ставено на знаење дека учеството во сообраќајот подразбира некакви правила на однесување. Во соработка со Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата се изработени повеќе информативни материјали меѓу кои и видео спотовите на начин на кој ќе го запомнат и ќе им остават впечаток за потоа да можат да ги применуваат во секојдневниот живот. Особено е загрижувачки фактот што во бројот на загинати лица седум се деца, нагласи Јанкуловска.
Инаку, само во првото полугодие од годинава се случиле 1.894 сообраќајни незгоди, од кои 75 со починати лица.