Компании од 20 странски земји дел од Глобалниот инвестициски самит
Во организација на „Македонија 2025“ за четири дена ќе започне вториот Глобален инвестициски самит. Досега на самитот учество најавија 350 бизнисмени од Македонија и странство, меѓу кои бизнисмени од САД, Австалија, Кина, Јапонија, Шведска, Германија, Холандија, Унгарија, Турција..., а меѓу говорниците се претставници од „Филипс“, „Нокиа“, Дојче телеком, Канадиан бомбардиер, Аџибадем Турција, Моторола, СЕАФ...
Според организаторот на самитот, соработката со владините министерства и институции за привлекување странски инвестиции, помогнала да се регистираат многу звучни имиња од реномирани светски компании.
- Министерот за странски инвестиции Веле Самак се погрижи да имаме присуство на претставници на највисоко ниво од Ван Хол од Белгија, Дрекселмаер од Германија и други потенцијални странски инвеститори. Министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, исто така покани голем број заинтересирани странски инвеститори од САД. Посебно е значајна и активноста на Инвест Македонија, кои преку своите економски промотори во Охрид ќе донесат претставници на големи компании од Албанија, Јапонија, Кина, како и повеќе претставници на Адмилиа Холдинг Лтд, кој интегрира 70 италијански претприемачи кои разгледуваат опции за реализирање на инвестициски проекти во Македонија, информираат од „Македнонија 2025“.
За време на самитот веќе се закажани стотина билателарни средби.