Ставрески: Капиталните инвестиции донесоа двоцифрен раст на градежништвото

 

Градежништвото ќе има директна корист од предвидениот рекорден износ од 22,5 милијарди денари за капитални инвестиции во наредната година. Инвестирањето во градежништвото, кое годинава бележи раст од 34 проценти, е причината што тоа во изминативе години има двоцифрени стапки на раст, рече министерот за финансии Зоран Ставрески одговарајќи на новинарско прашање во Прилеп.

Тој додаде дека во Македонија во изминативе неколку години интензивно се градеше, а со тоа темпо ќе се гради и во иднина.

- Ние сакаме силно да инвестираме во капитални проекти, бидејќи само така може да се подобрат инфраструктурните услови, да се подобри стандардот  на граѓаните, квалитетот на животот, но и да се поддржи домашното стопанство и фирмите кои работат во градежништвото како што се „Гранит“, „Бетон“ и сите други помали подизведувачи кои учествуваат во бројни капитални проекти, финансирсани од буџетот на Република Македонија, рече Ставрески.

Ставрески додаде дека во Македонија има раст на градежништвото од 34 %, во момент кога стапките во Европа се негативни. Тоа, според министерот, е показател дека во овој период, поддршка добија фирмите кои работат директно во градежништвото, но и фирмите кои работат во малата индустрија и се снабдувачи на материјали и опрема за градежните компании што ги изведуваат главните градежни работи.

- Станува збор  за стотици македонски фирми кои имаат директна корист  од порастот на капитални инвестиции, рече Ставрески. 

Министерот за финансии истакна дека реализацијата на капиталните проекти во земјава, според него, ќе ја овозможат и инвестициите за јавни патишта и оние на ЕЛЕМ, МЕПСО и на останатите претпријатија кои се надвор од буџетот.

03.10.2013 - 15:14

најчитано сега