Во недела бидете и вие дел од Ѕвезденото небо на Тоше
Во недела ќе биде организиран музичкиот хепенинг „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“ кој обожавателите го организираат петта година по ред. Хепенингот започнува во 19 часот и 30 минути на плоштадот Македонија.
- Дојдете да ја исполниме неговата желба, секоја година да не има во што поголем број. Заедно да се сеќаваме, пееме и да го славиме животот на нашата најголема музичка легенда Тоше Проески. Тагата никогаш нема да запре, но неговата големина секогаш ќе ги грее нашите срца, соопшти фан-клубот на Тоше.
Во Домот на АРМ в сабота од 9 до 18 часот ќе биде организирана и крводарителската акција „Јас штотуку спасив живот, а вие?".
Инаку, ѕвезденото небо се одржува секоја година на 5 октомври во сеќавање на последниот концерт на најголемата македонска музичка ѕвезда, одржан на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје.