Градежни активности на неколку патни правци
Сообраќајот на сите магистрални и регионални патни правци низ државата денеска се одвива непречено, по суви и чисти коловози.
Сообраќајот на патниот правец Гостивар – Кичево преку мостот на 1,5 километри пред Стража е нормализиран и е прооден за сите видови на возила.
Патниот правец Р-504 Ресен-Охрид преку националниот парк Галичица е прооден за сообраќај.
На патниот правец Гостивар-Маврово во близина на Ново Село, поради реконструкција на мост сообраќајот се одвива регулирано со семафори и наизменично по една коловозна лента.
Според известување добиено од инженеринг компанијата „Геинг“, за потребите за изработка на проектна документација за реконструкција и рехабилитација на патниот правец А3/Р1-312, делница Велес-Кадрифаково како експресен пат, се извршуваат активности на патот кои се поделени во две фази. Првата фаза започна на 27.03.2013 година, при што се врши геодетско снимање и се поставени 2 табли за известување за работа на пат, од кои едната е поставена на клучката кај Велес, а другата на клучката кај Кадрифаково.
Патниот правец Р-103 Неготино-Радовиш односно Неготино - Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот бр.9 преку реката Вардар, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино - Криволак - Пепелиште и тоа само за лесни возила.
Сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е со зголемен интензитет поради празничните денови.
На граничните премини можни се подолготрајни задржувања од вообичаеното време за влез и за излез од државата.