Манчевски: За сајбер безбедност да се инвестира во опремување и јакнење на капацитетите на луѓето
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој учествува на глобалната конференција за сајбер безбедност во Лондон, на панелот посветен на националниот и регионалниот прогрес оцени дека државава со евроатланстките интеграции станува се попривлечна цел за сајбер криминал и оти веќе има усвоено стратегија и акциски план за таа проблематика.
– Со влезот во НАТО, а наскоро и во Европската Унија, Република Северна Македонија станува се попривлечна цел за сајбер криминал. Секако, сајбер-безбедноста стана еден од клучните приоритети за Владата, особено за ресорните министерства задолжени за националната сајбер-безбедност. Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизирање на изградбата на сајбер-безбедносните капацитети со поддршка од нашите стратешки партнери, резултираа со значајни достигнувања во изминатата година. Првпат, во инклузивен процес изработивме Стратегија и Акциски план за сајбер безбедност, рече Манчевски, соопшти МИОА.
Според него, неопходно е да се инвестира во опремување и јакнење на капацитетите на луѓето, на вработените во јавната администрација, но и во бизнис заедницата, затоа што никој не е имун на сајбер нападите.
– Со оглед на тоа што соседните земји, односно земјите од Западен Балкан се наоѓаат на слична позиција и имаме одлична соработка и поддршка од Европската Комисија во областа на дигиталната политика, дадовме предлог во Северна Македонија да се отвори првиот Регионален центар за обуки и истражување во областа на сајбер безбедноста. Предлогот е изготвен и во тек е проценка на организациските и финансиските ресурси. Предложениот концепт за Регионалниот центар за обука и истражување на сајбер безбедноста ќе се вклопи во рамките на Технолошки парк, кој се наоѓа во Скопје, информирал министерот Манчевски.
Фокусот на овогодинешната конференција е градењето на глобални капацитети за сајбер безбедност, во наредните пет години. Главни прашања кои се отворија на конференцијата се: Кои се новите закани? Со кои предизвици ќе се соочат државите? Колку државите имаат капацитет да обезбедат сајбер безбедност и како тоа ќе резултира врз градењето на капацитетите за борба со сајбер криминалот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа