Груевски го честита Меѓународниот ден на Бошњаците
Во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, Ви упатувам најсрдечни честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците и Ви посакувам денешниот ден да го поминете во добро празнично расположение исполнето со многу здравје, радост, среќа и бериќет.
Со празнување на денот кога претставниците на Бошњачкиот народ на вториот бошњачки сабор во Сараево го вратија своето национално име Бошњак, се празнува Вашиот симбол на себеидентификација, сегмент за препознавање и гордост. Овој ден не само што претставува добра можност да ги одбележиме културните специфики и вредности на бошњачката заедница во Република Македонија, туку ја потврдува и нашата определба за нивно негување, стимулирање и надградба.
Дозволете ми во оваа прилика да ги изразам определбите на Владата на Република Македонија за континуирано спроведување на активни и сеопфатни мерки за подобрување на севкупната положба и квалитет на живеење на сите граѓани и етнички заедници во нашата држава, вклучително и на бошњачката етничка заедница која е од битно значење за нашата земја и чии припадници придонесуваат за развојот и напредок во општествените сфери.
Честитајќи Ви го 28 Септември, Ве повикувам, исто како во изминатиот период, заеднички да се вложиме и уште повеќе да придонесеме за нови успеси и радости за нашите граѓани. Да продолжиме со нашите заеднички заложби за унапредување на економскиот раст и стандардот на граѓаните, со реформите и модернизацијата, со создавањето на дела и вредности од траен карактер, и со стратешките определби за интеграција во европското и евроатланско семејство, се со цел изградба на модерна Република Македонија.
Нека нашето почитување и взаемно разбирање не водат по патот на севкупниот развој и напредок на нашата држава, за што и понатаму заеднички ќе работиме и активно ќе придонесуваме.
Уште еднаш, нека Ви е честит и вековит големиот празник !
Интегрален текст од честитката на премиерот Груевски.