Што ќе се случува вечерва на плоштадот Македонија?

 

Вечерва од 18 до 23 часот на плоштадот Македонија ќе се одржи манифестацијата „Ноќ на истражувачи”, организирана од Факултетот за деловна економија и организациски науки при Универзитетот „Американ колеџ“ од Скопје.

Манифестацијата ќе опфати настани за различни возрасни групи - за најмалите истражување на небото и планетите, разговори со научници за првиот робот,  квиз за Европа и интерактивна игра за тинејџерите „Истражи ја Македонија – Потрага по богатство“, тестирање мириси,  презентација на можности за стипендии и проекти и катче за забава каде што ќе може да се истражува, слика, да се изработуваат оригами, фигури од глина, да се видат необични хемиски експерименти...

Овој проект, информираат од „Американ колеџ“, е финансиран од Европската унија и е дел од Седмата рамковна програма „Марија Кири”.

- Целта на оваа активност е на забавен и интерактивен начин да ја доближиме науката до јавноста, како основен двигател на општествениот и економскиот развој. Организацијата ги помага истражувачите како индивидуи, се одржува четвртиот петок во септември во над 300 градови низ Европа, кога се организираат интересни и забавни активности преку кои се покажува колку е возбудлива науката и колку е присутна во секојдневниот живот, соопшти „Американ колеџ“.

Во 19:30 ќе почне видеонатпревар за студенти, награди за најдобар научен постер и за најдобар есеј на тема „Науката е во тебе, љубопитноста е... насекаде. Кон европски развој!“, од 20.30 часот ќе почне претставата-пантомима „Љубопитни за Теоријата на Чарлс Дарвин“, а потоа манифестацијата ќе продолжи со музика и забава. 

27.09.2013 - 08:49

најчитано сега