Предлогот бракот да е заедница меѓу маж и жена не помина во Собранието
Со 47 гласа „за“, 12 воздржани и 26 „против“ Собранието на денешната 72. седница не ја донесе одлуката за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија во делот на дефинирањето на бракот како заедница исклучиво меѓу маж и жена.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потсетија дека со Предлогот бараат уставно дефинирање на бракот како заедница меѓу еден маж и една жена, а децата без родители да можат да бидат посвојувани само од брачни двојки во кои ќе има еден маж и една жена или од самохрани родители.
- Нашиот став е дека не треба да има насилство и дискриминација, но бракот да биде меѓу маж и жена, рече Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Игор Ивановски од СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ со своите лоши економски и социјални политки го уништувала македонското семејство, додека Орхан Ибраими од ДПА посочи дека албанското семејство го негува бракот како света институција низ вековите и во тоа, како што рече, несомнено има помогнато и верата. Ермира Мехмети од ДУИ го оцени пристапот на ДПА како погрешен.
- ДПА и ДУИ немаат никави разлики за уставните измени. Очекував во оваа дискусија, како ДПА, да се нагласи уште еднаш фактот дека албанските политички партии се и ги поддржуваат уставните измени, но кога станува збор за реални, коренити и содржински уставни измени, а не уставни измени за кои се расправаше во вчерашниот и денешниот ден, рече Мехмети. Со решенијата што ги нуди Уставот од аспект на бракот, потенцира таа, сметаме дека во суштина оваа тема не бара подлабок третман.
Седницата ќе продолжи во 15 часот.