Николовски: Се готви фалсификат на референдумот

Во рамки на теренските активности што ги има ВМРО-ДПМНЕ поврзани со претстојниот референдум, денес сме во општините Центар и Сопиште. На средби со граѓаните каде што дискутираме околу актуелната состојба, пред сè поврзана со штетниот и капитулантски договор од Преспа за преименување на Македонија и македонскиот народ. Она што го забележивме е дека прво, власта реши да дискутира за сè освен за содржината на договорот. Второ, бегаат од детална дебата за содржината на договорот, затоа што знаат дека немаат аргументи и дека ниту е зачувано името на државата, ниту е зачуван македонскиот национален идентитет. А од друга страна, немаме никакви гаранции за понатамошна интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, факт е дека одбегнуваат да ги прикажат на јавноста уставните амандмани иако тие се суштината и срцето на договорот.,,Следна работа што ја забележуваме е дека се оди во акт на една нервоза и паника во последниве денови, со силни притисоци кон луѓето за да излезат да гласаат онака како што власта очекува. Се прави притисок врз јавната администрација, се прави и притисок врз приватниот бизнис и тој притисок е сè поочигледен и сè поголем.

 

За среќа на Македонија, наидуваат на силен отпор меѓу граѓаните. Последното што навистина загрижува се идеите да се направи фалсификат на самиот ден на гласање, затоа што Собранието не дозволи да има официјални набљудувачи од страна на политичките партии коишто би можеле да реагираат на евентуални неправилности. Но, и тоа нема да помине имајќи предвид дека граѓаните се организираат да го мониторираат и набљудуваат овој процес, како што имаме информации преку разни здруженија на граѓани.

 

Но, исто така ќе бидат будни и членовите на ВМРО-ДПМНЕ и секој евентуален потег или желба да се фалсификува волјата на граѓаните или да се намести самиот процес ќе наиде на силен и масовен отпор од страна на народот.Така што ова се впечатоците коишто ги добиваме од средбите на терен. Остануваат уште нешто повеќе од два дена до самиот молк и пет дена до гласањето. Волјата е јасна, значаен дел од граѓаните се против договорот, најголем дел одлучуваат да останат дома, и тоа е она што го очекуваме в недела”, рече Николоски.

 

 

 

25.09.2018 - 21:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега