Екс директорка на дом за стари лица: Градоначалникот Дамјановски ме замени за политички послушник

Екс директорката на домот за стари лица „Зафир Сајто“, Мирјана Атанасовска, на денешната прес конференција го обвини градоначалникот на општина Куманово, Зоран Дамјановски за политички реваншизам.

- На 22 април бев разрешана, а на мое место Дамјановски назначи лице кое е негов партиски послушник и истото лице им го прекина времениот договор за вработување на уште четири вработени лица во установата , рече Атанасовска.

Поранешната директорка информира дека оваа недела работи без решение за прераспределување. Од 2009 година, градоначалникот преку управниот одбор на оваа институција, како што истакна, презел погрешни решенија од кои домот претрпел економска штета.

- На 11 април годинава, општината изврши класичен упад во финансискиот план и програма на установата оневозможувајќи да работиме нормално бидејки сметката е блокирана.Тој не прецизираше зошто ја блокирал сметката и рече дека од мене и моите вработени има политичка штета, наведе Атанасовска.

Таа го обвини Дамјановски дека од 2009 постојано вработувал партиски членови, за кои, како рече, според систематизацијата на работните места, установата немала потреба. - Еден од примерите е и одлуката на управниот одбор за давање под закуп 185 метри квадратни на приватна здравствена ординација, така што домот изгуби шест простории и годишно претпрува штета од милион и седумстонини илјади денари"-вели поранешната директорка.

Во отсуство на градоначалникот на општина Куманово,на обвинувањата реагираше секретарот на општината Валентина Алексовска.

- Не станува збор за никаков политички реваншизам,на директорката и е истечен мандатот,назначен е в.д директор,се до распишување на конкурс за директор на институцијата. И на останатите четворица вработени им е истечен договорот за времено вработување на 30 април бидејќи нема потреба од таков кадар во оваа општинска установа, вели секретарот на општината Алексовска.

Според неа, сите обврски што ги има Домот за стари лица ќе бидат исплатени, но, според законската процедура потребно е да се изврши промена во Централниот регистар, а потоа и промена  на потписникот на сметката на оваа институција.

ФОТО: Макфакс