Две дечиња сеуште во критична состојба - еве како заздравуваат децата од кочанско

 

 

Две од вкупно 11 деца кои беа повредени во завчерашната тешка сообраќајна несреќа кај кочанско Оризари, вчера од Детската хирургија се пуштени на домашно лекување. Во критична состојба се уште се едно момче и едно девојче. Момчето е на интензивно лекување на Неврохирургија и е на механичка вентилација. Девојчето, пак, поради тешки повреди на главата и на белите дробови, се наоѓа на механичка вентилација.

- Докторите прават се што е можно за да се подобри здравствената состојба на децата кои се најтешко повредени. Веќе две од децата кои беа сместени на Детска хирургија се отпуштени на домашно лекување. На поголемиот дел, состојбата значително им се подобрува. Има три кои се уште се на интензивно лекување во КАРИЛ, две на интензивна нега на Невролошката клиника, од кои веќе едно е префрлено, изјави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Со директорот на ФЗОМ Јован Грповски ги посетија повредените деца кои се хоспитализирани на Ургентниот центар во Скопје по сообраќајната несреќа.

Тодоров рече дека се информирале телефонски и за пациентката која е во хируршката болница „Св.Наум Охридски“.

- Таму вчера беше донесена уште една пациентка која првично беше згрижена во Општата болница во Кочани заради дополнителни испитувања. Пациентката е целосно стабилна, нема никакви посериозни повреди, рече Тодоров.

Тој им се заблагодари на лекарите и на целиот медицински персонал кој учествувал во спасувањето на животите на повредените во оваа несреќа. Им се заблагодари и на граѓаните кои се нашле на местото на несреќата и помогнале.

Во пресрет на велигденските празници министерот за здравство апелира за умереност, и во конзумирање храна и алкохол, како и за внимателно возење.

Доктор Илир Хасани, раководител на Ургентниот хируршки центар, појасни дека четири пациенти се наоѓаат во централната единица за интезивно лекување, од кои најтешко е повредено 13-годишното девојче.

- Тројцата останати пациенти се подобрени. Ги следиме и најверојатно едната исполнува критериуми за да се префрли на одделенско лекување. Додека другите двајца се на интензивно лекување на Неврохирургија, рече Хасани.

Дежурниот лекар од Неврохирургија Слободан Дамјановски истакна дека од повредените во домен на Неврохирургија пет деца се во стабилна состојба, тие што биле и претходно на одделението.

- Од потешко повредните, од трите што беа реферирани како во критична состојба, едното е подобро и може ќе биде префрлено на одделение, а другите две и понатаму се во сериозна здравствена состојба. Продолжуваат испитувањата и лекувањата, рече Дамјановски. 

МИА

ФОТО: Курир

најчитано сега