Власта ја турка опозицијата кон бојкот?

Предлогот на Владата по итна постапка да се измени Изборниот законик може да ја турне опозицијата во бојкот на референдумот.

Актуелниот Изборен законик пропишува составот на Државната изборна комисија да се избере со 2/3 мнозинство. Распоредот на силите во законодавниот дом му остави простор на ВМРО-ДПМНЕ да ја искористи оваа ситуација и да се обиде да издејствува исполнување на серија политички барања, меѓу кои и договорената обврска за формирање на техничка влада на секои 100 дена пред изборите, нешто што актуелната власт очигледно не е подготвена да го отстапи како што тоа го направи ВМРО-ДПМНЕ на последните предвремени парламентарни избори.

Најверојатно од тие причини, Владата денеска му предложи на Собранието измени на изборниот законик кои ќе му остават простор на мнозинството во пресрет на референдумот само да го избере новиот состав на ДИК, за што ќе му бидат потребни 61 глас.
Како ќе се постават од ВМРО-ДПМНЕ велат дека допрва ќе одлучуваат. Од партијата велат дека сите опции се отворени но не откриваат никакви детали.

Анализата на можностите што на ВМРО-ДПМНЕ му стојат на располагање дефинитивно го доведува во прашање најавениот референдум од повеќе аспекти.

Бојкот на ДИК

Доколку власта го избере составот на ДИК без поддршка од опозицијата, не би требало да биде изненадување доколку ВМРО-ДПМНЕ реши и комплетно да ја бојкотира работата на Државната изборна комисија, односно во неа да не ги прати своите членови кои се пријавени на огласот распишан од Собранието. Тоа нема да значи блокада за ДИК бидејќи власта има мнозинство во Комисијата и таа „де јуре“ ќе може да функционира но се поставува прашањето, каква ќе биде довербата во ова тело кое власта сама ќе го раководи, особено во време кога ќе се организира референдум кој според сите параметри ќе биде најзначајниот во македонската политичка историја по оној за независноста.

Референдум

Треба да се земе предвид дека опозицијата се уште нема излезено со конечен став дали ќе го повика членството на бојкот на референдумот. Лидерот Мицкоски во интервју објавено пред неколку дена рече дека околностите се променети и дека веќе не треба да се зема предвид неговиот став дека на референдумот ќе гласа против.
За ова, Мицкоски најави дека по внатрепартиските консултации и финлизирањето на сите аспекти поврзани со организацијата на референдумот партијата ќе донесе одлука која ќе им ја соопшти на граѓаните.
Во платата „Христо Татарчев“ не се крие дека дел од функционерите и поголем дел од членството се за тоа референдумот да се бојкотира како единствен начин да се спаси Македонија од Договорот со Грција кој партијата официјално го нарекува „Капитулација“ иако има и такви кругови кои сметаат дека ваквиот чекор ќе му донесе штета на ВМРО-ДПМНЕ.

Во ситуација во која Власта планира сама да го измени Изборниот законик за очекување е дополнително да се зголеми револтот во најголемата опозициска партија што може да биде пресудно и да ја однесе партијата кон конечна одлука за бојкот на референдумот.

Не е прв пат

Носењето на изборниот законик без согласност со опозицијата нема да биде ништо ново во македонската политика. И власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ на крајот од 2012 година во пресрет на локалните избори наредната година сама без гласовите на опозицијата го измени изборниот законик. Следеше бојкот на изборите од страна на СДСМ а до изборите во април 2013 Изборниот законик се смени уште 2 пати.

 

 

 

17.07.2018 - 14:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега