Мицкоски: ВМРО не можете да го уништите- ќе доживеете дебакл на следните избори, сличен на тој што ви се случи вчера

Во моментов се случува една комплетна демонтажа на еден систем на вредности, кој е вкоренет со децении, кој е граден со години и генерации наназад. И овој систем сакаат да го заменат со безпринципиелност, поделба и омраза. Луѓето да си станат непријатели едни со други, да се делат во политиката на десни и леви, во бизнисот, да се поларизираат мислењата во културата, во образованието, да се ловат виновници и предавници. На оние кои ја сакале Европската Унија и НАТО и оние кои биле против. Токму оваа инструирана кампања на владата сака да постигне една рамнодушност која е резултат на чуството на одлепеност од народот и опиеноста од власт, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од протестниот марш во Кавадарци.

-И така помеѓу две до три потапшувања по рамото и неколку пенкала ќе завршат во џебот на Заев и некој скапо платен викенд на Халкидики, ќе им текне идеја дека треба да срушат се што претходно е изградено, наместо да продолжат онаму каде некој пред нив застанал и макотрпно работел да тоа го реализира. Ќе им порачам: ВМРО не можете да го уништите на овој начин, бидејќи тоа е секој еден Македонец, и пред да почнете нешто да преименувате или рушите обидете се нешто да изградите, затоа што камен на камен немате ставено. Нас не води идејата на тие дејци, а нивната идеја повторно за брзо време ќе биде славена после вашиот дебакл на следните предвремени парламентарни избори, сличен на оној дебакл кој ви се случи вчера, рече Мицкоски и додаде:

„Македонија се сака со дела, и ајде да се мериме по работа, а не по омразата продуцирана од власта. Нашата визија за Македонија е земја на интегрирано општество, со силна пазарна економија. Потребен е рапиден развој сега и веднаш, не утре, не задутре или по некоја година. Македонија нема време за чекање, ни треба економија која ќе создава додадени вредности и која ќе вработува и овозможува иднина, за нашите сограѓани, да направиме услови да се вратат сите кои ги напуштија нивните домови во нашата татковина, да се вратат веднаш и да бидат свои на своето- тоа е нашата визија“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека бараат само фер услови на следните предвремени парламентарни избори.

-Кога од власта ќе речат се договарате за ДИК за да сме осигурале некаква амнестија, треба да се знае дека на таквите лаги им нема крај. Не бе луѓе, не бараме ништо, бараме само фер услови да можеме да ве декласираме на следните предвремени парламентарни избори. Тоа бараме. Тоа ли е толку многу и страшно? Толку ли не сакате да се пуштите од власта? Јас ве разбирам таа власт ви е неопходна да ги обелите вашите криминални досиеја, да можете да заработите уште неколку десетици милиони евра, но на тоа ќе му дојде крајот, за тоа ќе одговарате, подвлече тој и додаде:

„Кога ме повикувате- ајде да ја славиме иднината европска на Македонија, ќе ви одговорам- ќе ја славиме таа иднина, но најпрво ќе завршиме со криминалот и ревизија на аболицијата за Голбал, со ревизија на ослободителната пресуда за Поткуп, со независен судија и обвинител кој ќе досуди казна која што ја заслужува Заев. Ќе завршиме со минатото па потоа ќе градиме европска иднина“.

Мицкоски истакна и дека Земјоделието е на најниско ниво. Уште се чекаат оштетите од невремето од 2017та година, а од тогаш помина уште едно ново лето. Во исто време кога велат откупот на бостанот одел како што треба, демантот веднаш  стига, ги гледаме како бостанџиите стојат пред бензинските пумпи и го делат бостанот на своите сограѓани.

-Од министерството велат фатаморгана било фрлањето на лубениците.  Но, бидете сигурни дека тоа е реалноста. Лани беше исто со праските овде во Кавадарци и во Росоман, а како тргнала годинава којзнае како ќе биде и со пченицата, оризот, или грозјето, иако се уште се паметат зборовите на премиерот дека нема да дозволел никаков проблем со откупот. Гледаме сега викаат не знаеле како да го решат. Треба да знаеш да го решиш проблемот со откупот. Лесно е да ветуваш, кога ќе дојде денот да се справи со проблемите тебе те нема. Ќе завршиш на некој викенд на Халкидики и од таму се розево делува. Прашај ги овие луѓе како се печат под жешкото македонско сонце, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потсети на други неисполнети ветувања од страна на власта на Заев.

-Се сеќавате на двете фирми Еурокомпозит и Колска. Ете овие две компании беа меѓу првите ветувања на власта дека ќе се донеле трајни решенија и ќе проработеле. Поминаа 14 месеци, ниту решение има, а плати ако добијат некаква милостина еднаш или два пати годишно. Здравството стана министерство за смрт. Нема една реформа која ја направија, нема еден проект кој го спроведоа. А се сеќавате колку само гласни беа и низ какви болни судбини кариери градеа. А сега кога умираат бебиња во ГАК поради недостиг на инкубатори, а  пациентите крварат по ходниците, а докторите немаат ниту завој да ги преврзат, зошто тој мора нели приватно да се купи, никаде ги нема.  Затворени се во нивните кабинети под клима, увалени некаде длабоко во конфорните фотељи и ги нема да ја видат реалноста по која така жестоко плукаа кога беа горди опозиционери. Ги нема затоа што  нивна приоритет беше  како да се укине Советот за јавни набавки и да можат на полесен начин да ги договараат тендерите во 4 очи, истакна Мицкоски.

Тој објасни како се однесува владата.

-Може слободно да се каже дека за една година и два месеци колку што се на власт, бележат само порази и тие стануваат наше болно секојдневие, но она каде што навистина се трудат е овие порази преку забревтаната и скапо платена пропагандна машинерија да ги престават како наводни победи. По принципот на онаа случка од комунизмот од соседна Бугарија кога велеа “тази дупка не е дупка”. Тоа е единственото нешто кое им е преостанато.Не е за чудо и чочек да изиграат како оној пред тунелот на автопатот Демир Капија-Смоквица кој тие ниту го испроектираа ниту го изградија. Тоа е дело на ВМРО-ДПМНЕ и уште такви стотици дела ќе останат позади нас, порача Мицкоски.

 

 

 

 

15.07.2018 - 15:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега