Четири деца сеуште се борат за живот по трагедијата во кочанско
-Четири од повредените деца во сообраќајната несреќа во близина на кочанското село Оризари се во критична односно витално загрозувачка состојба. Од нив две кои се наоѓаат на Клиниката за неврохирургија се уште во коматозна состојба со тешка повреда на мозокот и градниот кош, а една 13-годишна пациентка која се наоѓа на Клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Во животна опасност е и едно девојче хоспитализирано на Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“, истакна на прес-конференција во Министерството за здравство директорот на Клиниката за неврохирургија Александар Чапаровски.
Доктор Илир Касани од Ургентниот центар рече дека 13-годишната пациентка која се наоѓа на КАРИЛ е во тешка состојба и се прават максимум напори за да се стабилизира. Освен повреда на р' бет која е стабилна, има и повреда на градниот кош со контузии на белите дробови.
- Најмладиот пациент е роден 2006 година, а најстариот во 1998 година, истакна Касани.
Чапаровски посочи дека едно од повредените деца кое синоќа е оперирано заради скршеница на черепот и нагмечување на мозокот е во подобра состојба и е во фаза на будење, и не е респираторно зависно.
- Кај другите деца состојбата е стабилна и се вон животна опасност. Внимателно ја следиме состојбата и ги преземаме сите мерки за подобрување на нивната состојба. Две деца со полесни повреди се на Детска хирургија и во текот на денот треба да бидат пуштени дома. Едно дете има на Пластична хирургија со обработка на раните на лицето. Кај сите останати пациенти доминираат повреди на главата со потрес на мозокот, со скршеници на черепот, лицевите коски, со повеќе рани итн. Подобрување на состојбата има речиси кај сите, рече Чапаровски.
Директорката на Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“, Јасмина Чабуковска рече дека по сообраќајната несреќа во таа здрасвтвена установа е донесено едно 13-годишно девојче со повреди на црниот дроб, со масовни контузиони жаришта на белите дробови, и контузија на срцевиот мускул и фрактура на базата на черепот.
- Девојчето е на Одделението за интензивна нега, дише спонтано со стабилни витални параметри, но со оглед на тоа дека се работи за сериозна повреда на белите дробови се уште сметаме дека се наоѓа во животна опасност, рече Чабуковска.
Доктор Касани појасни дека жената која синоќа им подлегна на повредите во Ургентниот центар била донесена во крајно тешка состојба со двете проширени зеници што е многу лош знак, со многу ниска тензија која укажува на тешки повреди на градната и абдоменалната шуплина со внатрешно крварење. И покрај обидите, додаде тој, не успеавме да ја спасиме.
Министерот за здравство Никола Тодоров заедно со двајца лекари-специјалисти од Америка ги посетија повредените деца кои се лекуваат на Ургентен центар, на Клиниката за неврологија и во Клиниката по хирушки болести „Св.Наум Охридски“. Лекарите од Америка, информираат од Министерството, изразиле желба да ги посетат повредените деца и да им помогнат доколку има потреба.
ФОТО: Курир