Две деца се борат за живот по сообраќајката во кочанско - еве каква е состојбата на останатите повредени

 

 

Две од четирите деца кои се сместени на одделот за интензивна нега на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) се уште се во животна опасност  и се во коматозна состојба со повреди на главата и нагмечување на градниот кош по тешката сообраќајна несреќа што се случи синоќа во близина на кочанското село Оризари, информираат од Ургентниот центар.

Во Ургентниот центар се примени 11 деца. Пет деца се лекуваат на Клиниката за неврохирургија, од кои две се во потешка состојба и се на одделот за интензивно лекување на оваа клиника, а три се на одделение.

Две деца се примени на Детска хирурхија, тие се во добра здравствена состојба и најверојатно денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување.

Од Ургентниот центар информираат дека една оперативна интервенција е направена врз девојче на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија поради санирање повреди на лице. Интервенцијата траела до 5 часот изутрината и потоа е однесено повторно на КАРИЛ.

Три деца се хопситализирани на интензивна нега во Општата болница во Кочани и нивната здравствена состојба е стабилна

Повредените деца се на возраст од 4 до 13 години.

Една жена синоќа им подлегна на повредите со кои се здобила во несреќата до која, како што посочија од СВР-Штип, дошло откако трактор со приколка во која се превезувале 16 лица, повеќето малолетници кои биле на излет, се превртел во близина на местото Илин дол на патот меѓу кочанските села Пресека и Оризари. На самото место загина возачот на тракторот.

Министерството за здравство најави дека повеќе детали за состојбата на повредените во сообраќајката кај кочанско Оризари ќе бидат соопштени на прес-конференцијата закажана во 11:15 часот.

најчитано сега