„Дали Самарас е подготвен да го продаде терминот Македонија?“
Партијата Независни Грци не дала овластување на ниту една партија, на ниту една влада, политички лидер или министер за надворешни работи да го даде името на наша Македонија, изјави пратеникот на опозициската партија Независни Грци Теренс Куик, пренесува МИА.
Куик се осврна на седницата на која Венизелос информирал за средбата со Нимиц, истакнувајќи дека вицепремиерот и министер за надворешни работи истакнал оти „грчката Влада...со голем консензус се договорила Скопје да има сложено име со географска одредница за сите употреби“.
- Ние никому не сме дале овластување да го даде името на наша Македонија. Бараме за процесот да се дискутира во Парламентот што ќе биде добра можност најпосле да се види колку е „широк“ консензусот меѓу пратениците, особено меѓу членовите на Нова демократија кои претпоставувам ќе се сетат на горчината и солзите на основачот на партијата Константин Караманлис на аеродромот во Солун, рече Куик на состанок на националниот совет на партијата во Солун, пренесува МИА.
Партијата „Независни Грци“ стои на ставот дека во името на нашата земја не треба воопшто да стои терминот Македонија и постојано бара од Самарас да каже детали за преговорите што се одвиваат под покровителство на ОН.
Лидерот на партијата Панос Каменос пред неколку дена по шести пат побара од Самарас да одговори што се случува со преговорите за името, обвинувајќи го дека „се крие и преговара тајно“ и го повика да дојде во Парламентот да одговори „дали е подготвен да го продаде терминот Македонија“.