Почнува „Струшка музичка есен“

 

Со концерт на хорот на псалти на Калистрат Зографски од Струга, предводени од д-р Димитри Кумбароски и со промоција на книгата „Македонските црковни псалти од 19. век“ од д-р Михајло Георгиевски вечер во црквата Рождество на Пресвета Богородица во село Калишта ќе почне 38. „Струшка музичка есен“.

Оваа музичко-научна и културна манифестација ќе се одржува до недела во хотелот „Бисер“ во Струга. Организатор на манифестацијата е Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ) со поддршка од Министерството за култура.

„Сработи, преработи и надработи“ е темата на годишната конференција. Програмата е поделена во научен и концертен дел. Научниот симпозиум ги третира темите од музичката уметност и концертен дел во кој годинава ќе се слушнат црковни пеења од источноцрковен тип.

В сабота концерт ќе одржи Линзи Полак од Австралија, кој инспириран од изучувањето на македонската гајда почнува една своја мисија да озвучува и да создава музика од сите предмети кои ги има околу себе.

Годинава СОКОМ ќе ги одбележи годишнините од раѓањето на повеќе македонски автори кои оставиле белег во македонското музичко творештво, Петре Богданов-Кочко (100 години), Илија Николовски-Луј (100 години), Александар Лековски (80 години), Ристо Аврамовски и Димче Николески 70 години.

Во научниот дел ќе има симпозиум со трудови од различни аспекти на музиката и ќе учествуваат претставници од музичките образовни институции во земјава и од странство. Со свои трудови ќе се претстават Марко Коловски, Јана Коловска, Симона Јовчева, Александар Трајковски, Џузепе Тори, Велика Стојкова Серафимовска.

13.09.2013 - 09:22

најчитано сега