Европската Комисија нé пофали, Грција молчеше а Бугарија нé нападна
Речиси еден месец пред објавувањето на најновиот прогрес-извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, ЕК има пофални зборови за нашата земја. Според МИА, претставник на ЕК, минатата недела на средба на Работната група за Западен Балкан (КОВЕБ) во Советот на ЕУ, го пофалил напредокот на Македонија.
Според инфомациите на Македонската информативна агенција, македонското прашање минало со одобрувачки тон од ЕК на првата дебата на КОВЕБ во новата сезона на оваа работна група. Претставникот на ЕК ги пофалил спроведените реформи, како и расветлувањето на настаните во Собранието на 24. декември.
Претставниците на земјите - членки на ЕУ ги поддржале пофалбите од ЕК, грчкиот дипломат премолчел, а, според МИА, извесна Коева, дипломатка од Мисијата на Бугарија при ЕУ, жестоко ја нападнала нашата земја. Таа реагирала дека Македонија е во голема политичка криза, дека недостига демократски капацитет за функционирање и дека одбегнува да го финализира договорот за добрососедство со Бугарија. Дипломатката Коева побарала од ЕК да додели негативен извештај без препорака за почнување на пристапните преговори.
Ова не е прв пат, нашите источни соседи да ја преземаат антимакедонската палка од Грција.