Состанок за проект за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција во Солун
Во рамки на проектот „Развој на електронска берза за земјоделско-прехранбени производи во пограничната област“, кој финансиски е поддржан од ИПА Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција, во Солун се одржа првиот состанок меѓу партнерите за координирање на активностите.
Имплементатори на проектот се Грчко-италијанската стопанска комора од Солун, Фондацијата за локален развој и информатички технологии од Гевгелија, стопанската комора на Кукуш, грчко-германската стопанска комора за индустрија и трговија и општина Кавадарци.
Директорот на гевгелиската фондација за локален развој, Ристо Атанасовски ги претстави целите и активностите на фондацијата во рамки на проектот, како и проектите кои досега се успешно реализирани на подрачјето на општина Гевгелија.
На координативниот состанок во Солун биле разгледани можностите за формирање платформа за пласирање на земјоделско-прехранбени производи и нивна размена во прекуграничната област, мислења и предлози за нејзино формирање како и можните бенефити на учесниците.